Груевски: Обвинението против мене е наместено, се врши притисок кон бизнисмени да станат лажни сведоци

од Nikola Popovski

Поранешниот премиер и азилант Никола Груевски смета дека Зоран Заев е виновен за тоа што Обвинителството за гонење на организиран криминал поднесе обвинение против него и уште неколку лица за случајот „Плацевите на Водно“, а Кривичниот суд му одреди притвор.

„Додека неговата влада делеше пасоши на најпознатите европски и светски нарко дилери, под негова раководна палка институциите вршеа и сеуште вршат жесток притисок и уцени на луѓе кои дел ги познавам а дел не, со барање да станат лажни сведоци во фабрикувани процеси против мене во кои наводно јас со наводни партиски пари сум бил сопственик на некакви земјишта и станови а тие сега ги откриле и ќе ги конфискувале. Тој не се двоуми и самиот да праќа пораки до некои од жртвите дека ќе им пружи милост доколку лажно посведочат против мене. Не му е проблем репресиите да одат и до тој степен да некој со денови затворен, да биде лишен и од вода за пиење, ако веќе нема друг начин како делува. Праќањето на сите инспекции во фирми на бизнисмени со задача да им се изврши притисок да станат лажни сведоци е секогаш првата алатка од која почнува па потоа ако тоа е неуспешно оди понатаму кон други тортури“, објави Груевски на својот Фејсбук профил.

Според него, на Заев му требаат случаи за да го сврти вниманието од неговите рекетарско-криминални потфати, од бизнисот со марихуаната, а ја споменува и афера со пасошите.

„Се што во овие години прави Зоран Заев еден ден ќе се разобличи и ќе излезе на површина а тој ќе одговара за тоа. Целата негова криминална шема и валкани методи ќе бидат откриени и казнети“, напиша Груевски и дополнува:

„Дури и кога обвинителството, иако Законот тоа го налага, не те сослушале пред да го пушти обвинението, па лажно преставува дека те сослушале за истата квалификација во сосема друг предмет или користат само за дел од истото изјава дадена уште во фаза на прибирање информации а не изјава пред обвинение, дури ни таквото кршење на законите не им преставува проблем“.

Груевски веќе неколку години живее во Унгарија, откако избега од земјава, при што е обвинети во неколку судски случаи.

Слични содржини