Груевски се повикал на аболицијата на Иванов во барањето азил во Унгарија

од desk2

Избеганиот осуден експремиер Никола Груевски се повикал на аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов во барањето за азил пред унгарските власти, објави тамошниот весник „Маџар Идок“, според кој на Груевски веќе му е одобрен азил. Конзервативниот весник, близок до владејачката партија во Унгарија Фидес, пренесува делови од апликацијата на Груевски за азил, која била поднесена на 10 ноември, пренесе СДК.

Според напишаното во апликацијата на Груевски, судот не ја прифатил аболицијата на Иванов под притисок на власта. Со законските измени донесени во Собранието му се дозволи на претседателот да ја повлече одлуката во рок од 40 дена, а Груевски тврди дека такво ретроактивно повлекување на одлука не е во согласност со домашното и меѓународното право. Тој потсетува дека Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои избегаа од обвинение на СЈО во Грција, не беа екстрадирани откако Врховниот суд во Грција потврди дека аболицијата на Иванов не може да биде повлечена.

Груевски, исто така, тврди дека СЈО има силна меѓународна поддршка поради што судовите ги прифаќаат нивните обвиненија. Тој се повика на одлуката на Државна комисија за заштита од дискриминација дека судот и судијката Добрила Кацарска го дискриминирале во случајот „Тенк“, кој заврши со пресуда за двегодишна затворска казна за него.

Според информациите на унгарскиот весник, Груевски како причина за азил навел и дека по 10 години на власт станал цел на многу криминалци кои биле осудени на затворски казни и го чекале да убијат..СДК

Слични содржини