Груевски за пронајдените пиштоли: По моето заминување можеби рокот на дозволата истекол

од Nikola Popovski

„Најновата лажна вест е дека пронашле оружје без дозвола во моите станови. Тоа е неточно. Моите четири пиштоли се со дозвола издадена од МВР и на местото каде можеле да ги пронајдат беше и дозволата за нив“, се огласи поранешниот премиер и азилант Никола Груевски, во врска со кој дава објаснување за пронајдените четири пиштоли во неговиот дом.

Според него, таа дозвола била важечка во моментот кога заминал од Македонија со цел да побара политички азил заради политичкиот прогон на власта.

„Подоцна, по моето заминување можеби рокот на дозволата истекол, но јас не сум во Македонија и не сум во можност да барам продолжување на рокот на дозволата за оружјето. Оружјето заедно со дозволата и муницијата со документи за набавка на истата, пред се за случајно да не дојдат во раце на децата, беа сместени во мал заклучен сеф, користен само за тоа, така што никој друг неможеше да има пристап до истото. Десетици други наслови со лажни вести во режимските медиуми само ми потврдија дека политичкиот прогон и хајката кон мене не само што не запреле туку добиле на интензитет, пишува Груевски.

Тој сега очекува со денови и недели, па и со месеци, медиумите блиски на власта по стотици пати да ги повторуваат лажните вести во специјални емисии на темата, во вестите, преку изјави на платени аналитичари и новинари под контрола или платени од власта, квази експерти, преставници на дел од НВО и други апологети на режимот на власт.

„Репресивните органи на власта за жал веќе оддамна се претворени во општински организации на СДСМ кои исклучиво се занимаваат (освен во случај на јавен притисок, како на пример во случајот Рекет) со прогон на неистомислениците на власта и наместо опстанок на власта со работа, дела, реформи и резултати, нивната борба е преку политички прогон. Правда со оваа власт нема и нема да има. Мир барем засега има“, смета Груевски.

Во вчерашниот претрес по налог на Јавното обвинителство во стан во Скопје на поранешниот премиер Никола Груевски, било пронајдено и одземено оружје.

По наредба на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, вчера биле вршени претреси во рамки на истрагата за случајот „Плацевите на Водно“. Претрес бил направен во зградата на Бихаќка, каде што живееше Груевски.

Слични содржини