Група жени демонстрираа во Кабул барајќи ги своите права

од Stefanija Kuzmanovska

Група од 20-тина Авганистанки демонстрираа денеска во Кабул, извикувајќи „леб, работа, слобода“, против ограничувањата наметнати од талибанците на жените и нивната слобода во Авганистан, пренесува „Франс прес“.

Откако се вратија на власт во август минатата година, талибанците, исламистичките фундаменталисти, постепено ги лишуваат жените од слободите што ги освоија во последните 20 години од падот на претходниот талибански режим (1996-2001).

„Школувањето е мое право. Повторно отворете ги училиштата“, скандираа демонстрантките, од кои многумина носеа превез на лицето, собрани пред Министерството за образование.

Тие пешачеа неколку стотици метри пред да бидат запрени од талибанците во цивилна облека кои дојдоа да ги спречат демонстрациите, јавува дописникот на агенцијата „Франс прес“.

„Сакавме да ја прочитаме изјавата, но талибанците не ни дозволија“, изјави една од учесниците, Џоли Парси, по маршот.

„Тие им ги зедоа мобилните телефони на некои девојки и исто така не спречија да го фотографираме или снимаме нашиот протест“, додаде таа.

Слични содржини