Групата Вагнер во Украина: Стигнаа првите докази за злосторствата на платениците на Путин

од Nikola Popovski

Борците на групата Вагнер се обвинети за убивање цивили во близина на Киев, што ги прави првите меѓународни платеници кои се соочуваат со обвиненија за воени злосторства во Украина.

Украинското обвинителство ги објави имињата и фотографиите на осумте мажи кои се бараат за воени злосторства, вклучително и убиства и тортура во селото Мотижин. Според наводите на тамошното обвинителство, петмина од нив се припадници на руската армија, еден е платеник на Вагнер од Русија, а други двајца „Вагнеровци“ се од Белорусија.

Извештаите за присуство на платеници од групата Вагнер во Украина се појавија и претходно, но ова е првпат официјално да бидат обвинети за воени злосторства.

На листата на обвинети е Сергеј Владимирович Сазанов, роден во Белорусија. Тој беше еден од околу 300 платеници на Вагнер кои учествуваа во офанзивата на Сирија во февруари 2018 година.

Втор на листата е Александар Александрович Ступнички, кој е посочен како офицер за врска на јуришниот вод на првата извидничка и јуришна чета на групата Вагнер.

Третиот човек идентификуван како член на Вагнер е Сергеј Сергеевич Сазонов, кој се наоѓа во Калининград и наводно е возач на командното возило на групата Вагнер.

Денис Коротков, експерт за групата Вагнер, потврди дека двајцата осомничени претходно работеле за платеничка формација.

„Според нашите информации, Сазонов и Ступнички се бореле во Сирија“, рече тој.

Како настана озлогласената група?

Групата Вагнер е основана од поранешниот офицер на руската армија Дмитриј Уткин. Ветеран од Првата и Втората Чеченска војна, но и потполковник на ГРУ – руската разузнавачка служба, ги започнал првите операции со новоформираната платеничка група при анексијата на Крим во 2014 година.

Иако рускиот Устав не дозволува формирање на паравоени формации, се верува дека Вагнер има упориште во Кремљ. Според таква распределба на силите, Вагнер може да биде испратен да се бори во име на Русија, без руските официјални лица никогаш да признаат дека командата пристигнала од канцеларијата на Кремљ затоа што групата Вагнер се состои од независни платеници.

Вагнер регрутира воени ветерани кои доаѓаат од руралните области, без многу можности да заработат доволно пари за да живеат.

Кој ја финансира групата Вагнер?

Нема официјални податоци за „спонзорите“ на Вагнер, но се претпоставува дека парите за војните дошле од руската разузнавачка агенција ГРУ, која исто така ја следи „работата“ на оваа група.

Извори од групата Вагнер за Би-Би-Си изјавија дека нивната база за обука на југот на Русија се наоѓа веднаш до базата на руската армија. Иако руските власти постојано ја негираат поврзаноста со платениците Вагнер, независните истраги утврдија дека основачот на групата Уткин е поврзан и со Евгениј Пригожин, олигарх познат како „готвачот на Путин“.

Многу од компаниите на Пригожин во моментов се под санкции на САД поради „ политичко и економско влијание ширум светот“, но и тој негираше каква било поврзаност со групата Вагнер.

Каде војуваше Вагнер?

Во 2015 година, групата Вагнер започна да дејствува во Сирија, борејќи се заедно со провладините сили за да ги зачуваат нафтените полиња таму. Платениците на Вагнер се активни во Либија од 2016 година, каде ги поддржуваат трупите лојални на генералот Калифа Хафтар.

Според неофицијални податоци, околу 1.000 платеници учествувале во напредувањето на генерал Хафтар кон владата во Триполи во 2019 година.

По Сирија и Либија, пушките на Вагнер пристигнаа и во Централноафриканската Република, со цел да се зачуваат рудниците за дијаманти.

Американското Министерство за финансии тврди дека Вагнер во овие земји служи како параван за рударските компании на Пригожин, како што се „М Инвест“ и „Лобаи Инвест“.

Пристигнувањето на членовите на Вагнер во Мали во 2021 година влијаеше на одлуката на француските власти да ги повлечат своите војници од таа земја.

Злосторства под превезот тајна

Обединетите нации и француската влада ги обвинија платениците на Вагнер дека извршиле злосторства како силување и грабеж на цивили во Централноафриканската Република, поради што Европската унија им воведе санкции.

Во 2020 година, војската на САД ги обвини платениците на Вагнер дека поставиле мини и други импровизирани експлозивни направи околу либискиот главен град, што доведе до страдање на цивили.

Сепак, ниту водачите ниту членовите на Вагнер никогаш не одговараа за наводните злосторства.

Фото: DR

Слични содржини