Гутереш: Светот е на чекор од нуклеарно уништување

од Nikola Popovski

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска предупреди дека „човештвото е само едно недоразбирање и една погрешна проценка оддалечено од нуклеарно уништување“.

Гутереш го изјави ова на отворањето на долго одложуваната конференција на високо ниво за ревидирање на историскиот 50-годишен Договор за неширење на нуклеарното оружје(НПТ) со цел конечно да се постигне свет без нуклеарно оружје, пренесува АП.

Генералниот секретар на ОН посебно ги наведе војната во Украина и заканата од нуклеарно оружје во конфликтите на Блискиот Исток и Азија како ризици, два региони „кои се на работ на катастрофа“ и посочи дека средбата се одржува „на критичен момент за нашиот колективен мир и безбедност“, во време на нуклеарна опасност невидена од екот на Студената војна.

Според него, конференцијата е „можност да се усвојат мерки кои ќе помогнат да се избегне катастрофа и да се постави човештвото на нов пат без нуклеарно оружје“.

Гутереш рече дека речиси 13.000 нуклеарни оружја се наоѓаат во арсенали ширум светот и дека земјите кои бараат „лажна безбедност“ трошат стотици милијарди долари на „оружје за судниот ден“.

„Сето ова се случува во време кога растат ризиците од ширење, а механизмите за спречување на ескалација слабеат. Кризи со нуклеарен призвук тлеат од Блискиот Исток и Корејскиот полуостров до Украина“, рече Гутереш.

Слични содржини