Гвардиола оди во Сандерленд да видиме колку си навистина добар

од Vladimir Zorba

3893-guardiola-620-vsmilan-new

Димитри Селук, менаџерот на фудбалерот на Манчестер Сити, Јаја Туре, продолжи со остри зборови да го напаѓа тренерот на клубот, Пеп Гвардиола, кој во вторникот, порача дека Туре нема да игра сѐ додека поради зборовите на менаџерот не им се извини на клубот и навивачите.

Војната со зборови помеѓу Гвардиола и Селук започна уште во моментот кога Шпанецот беше именуван за тренер на Сити, а кулминираше со одлуката на Гвардиола да не го пријави Јаја Туре за настап во Лигата на шампионите.

Селук на оваа одлука рекол дека Гвардиола покажал големо непочитување кон фудбалерот, а Шпанецот врати дека Јаја Туре нема да игра сѐ додека не се извини поради коментарите на менаџерот.

По најновиот коментар на Селук, дека Пеп Гвардиола допрва треба да се докаже како тренер, јасно е дека Јаја Туре нема да се извини.

„Екипата која ја презеде во Барселона ја изгради Франк Рајкард, а потоа Гвардиола имаше среќа што го имаше Лионел Меси. Меси ја направи Барселона, а не Пеп. Луис Енрике покажа дека за успехот на Барселона не е заслужен Гвардиола“, рекол Селук.

Гвардиола од 2008 до 2012 година ја предводеше Барселона и освои 14 трофеи, меѓу кои две во Лигата на шампионите. Во 247 натпревари оствари 179 победи.

Потоа Гвардиола замина во Минхен и со Баерн освои шест титули.

„Истото се случи во Минхен. Едноставно не можеше да биде неуспешен. Мојот дедо ќе освоеше титула со таков тим. Ако сака да се докаже како голем тренер, тогаш треба да оди во Сарагоса или во Сандерленд, па да видиме колку е добар како тренер, кога нема да наследи добар тим и кога нема да добие 500 милиони фунти за засилувања“, рекол Селук за Daily Mirror.

„Пеп не сака играчи кои се јаки како личности. Тој сака играчи кои ќе се плашат од него и кои ќе направат сѐ што тој ќе побара од нив. Прва работа која ја направи кога пристигна во Сити беше да се пресмета со Јаја Туре и Џо Харт, двајцата најголеми играчи. Двајцата имаат свој став, а тоа на Гвардиола не му се допаѓа“, дополнил менаџерот на Јаја Туре.

Инаку, Селук во интервјуто побарал од Гвардиола да им се извини на голманот Џо Харт и претходниот менаџер Мануел Пелегрини, кои веќе не се во клубот.

Слични содржини