Гвардиола потврди за Торес: „Среќен сум поради него“

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола потврди дека првотимецот на овој клуб, Феран Торес е блиску до преселба во Барселона, но дека трансферот ќе биде официјализиран кога клубот ќе го потврди тоа.

Денешните изданија на шпанските медиуми на насловната страница го ставија крилниот напаѓач со информација дека се е готово и дека е прашање на моментот кога поранешниот фудбалер на Валенсија ќе биде претставен на „Камп Ноу“.

Во сличен стил зборуваше и Гвардиола, кој преку овој пример се обиде да ја претстави подлабоката филозофија на англискиот шампион.

„Не сме како другите клубови кои одговараат на желбата на играчите да ја сменат средината. Ако сакаат да си заминат, мислејќи дека на друго место ќе бидат посреќни, нека си одат. Среќен сум поради него“, изјави Гвардиола..

Тој истакна дека фудбалските кариери се кратки и дека неминовно ќе дојде денот на нивниот крај.

„Ако Барселона и Реал сакаат да играат, тешко е да се каже не. Тие се најсилните клубови во светот. Тој е Шпанец, Барселона го сака, тој рече дека сака да замине и јас го поддржав во тоа. Му се јавив на неговиот агент. Слушам дека е постигнат договор“, изјави трофејниот стручњак.

Тој потврди дека клубот нема да донесе напаѓач во јануари и се осврна и на големата криза во Премиер лигата кога е во прашање коронавирусот, но дека ќе ја почитува секоја одлука што ќе биде донесена на денешниот состанок, но зборуваше и за работи кои не му се допаѓаат.

„Зборуваме за здравјето на играчите, а ние сме единствената лига која нема пет промени“, истакна Гвардиола.

Следниот натпревар Сити го игра в недела од 16 часот кога ќе го пречека Лестер, а на 1 јануари му гостува на Арсенал на отворањето на 21. коло.

Слични содржини