Гвардиола пред ПСЖ: Не смееме да дозволиме да нè обземаат емоции

од Stefanija Kuzmanovska

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола денес изјави дека реваншот од полуфиналниот натпревар во Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен ќе биде најтешкиот натпревар за неговиот тим оваа сезона.

Манчестер Сити забележа победа од 2: 1 на првиот полуфинален натпревар на гости во Париз и е на чекор до историскиот прв пласман во финалето на Лигата на шампионите.

Гвардиола не успеал да се пласира во финалето цела деценија, уште од 2011 година, кога ја освои титулата како тренер на Барселона.

„Според моето искуство, реваншот од полуфиналето е секогаш тежок. Вие влегувате во играта свесни за резултатите од првиот натпревар и со размислувања за финалето и понекогаш заборавате што треба да направите – да го победите ривалот. Затоа реваншот ментално е многу тежок“, изјави Гвардиола.

Шпанскиот стручњак има доволно искуство да знае дека неговиот тим е се уште далеку од последниот натпревар во Истанбул.

„За повеќето во клубот, ова е прв натпревар од ваква важност. Иако сме свесни за влогот, не смееме да дозволиме да нè обземаат емоции. Мора да останеме смирени“, рече Гвардиола.

Гвардиола истакна дека не размислува за противникот и резултатот на првиот натпревар и дека се обидува тоа да им го пренесе и на играчите.

„Ние зборуваме исклучиво за нас, нас и нас за тоа што треба да сториме за да се пласираме во финалето“, рече тој.

Реваншот од полуфиналето во Лигата на шампионите меѓу Сити и Пари Сен Жермен е на програмата во вторник од 21 часот на стадионот „Етихад“.

Слични содржини