Гвардиола: Реалноста се гледа на натпревари како оној со Брентфорд

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола беше задоволен од тешкиот успех со 1:0 како гостин над Брентфорд во натпреварот од 20. коло на Премиер лигата. Со успехот, Сити се зацврсти на врвот на табелата со 8 бода предност пред Челси и 9 пред Ливерпул. Според Пеп, нереално е да се очекува „граѓаните“ да го добиваат секој натпревар со голема разлика.

„Луѓето мислат дека треба да постигнеме четири гола до 23. минута. Ова не е реално, туку исклучок од правилото. Реалноста е натпревари како оној со Брентфорд. Со оглед на квалитетот на противникот, денеска го покажавме најдоброто. Не можеме да играме подобро кога противникот постапува така. Силно притискаа и не ни дозволуваа да организираме напади. Потоа почнаа длабоко да се бранат и стана неверојатно тешко. Ни беше тешко да влеземе во шеснаесетникот. Во исто време, опасно не нападнаа, играа многу организирано и нешто мораше да се смени на паузата“, прокоментира Гвардиола по мечот.

Успехот против Брентфорд беше 10-ти по ред за Сити во лигата и 36-ти во календарската година.

„Тоа може да се случи. Ја освоивме Премиер лигата, Лига Купот и игравме во финалето на Лигата на шампионите. Ова се 365 дена стабилност, што е најдобар трофеј за нашиот тим“, заклучи Пеп.

Слични содржини