Гвардиола: Сакам Меси да ја заврши кариерата во Барселона

од Vladimir Zorba

Сагата за Меси и Манчестер Сити не стивнува, а по тој повод се огласи и стратегот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола.

„Меси е играч на Барселона. Тоа сум го кажал илјада пати. Како навивач, сакам Лео да заврши таму“, истакна шпанскиот тренер.

Аргентинскиот фудбалер беше практично со едната нога во редовите на Сити, но тогашниот претседател на Барселона, Хосеп Марија Бартомеу, го блокираше трансферот. Првиот човек на Каталонците подоцна поднесе оставка, но иднината на Меси остана неизвесна.

„Неговиот договор истекува на крајот на сезоната и не знам како размислува и кој ќе биде неговиот следен чекор“, додаде Пеп.

Во трката за 33-годишниот фудбалер се вклучи и Пари Сен Жермен, меѓутоа во Барселона истакнаа дека приоритет им е да го задржат офанзивниот играч.

„Должам огромна благодарност на Барселона за она што го направија за мене“, рече Гвардиола, кој работеше со Меси во шпанскиот гигант од 2008 до 2012 година.

„Во академијата, како играч и менаџер, ми дадоа апсолутно сè. Во моментов Меси е играч на Барселона “, подвлече стратегот на Сити.

Слични содржини