Хаџиу: Се уште не е познато дали здравствените работници ќе добијат ваучери за одмор

од Nikola Popovski

Министерството за економија распиша јавен повик за изразување интерес од страна на угостителски објекти за сместување на гости кои ќе добијат ваучери за годишен одмор за лица и работници со ниски примања во износ од 12.000 денари.

„Овој проект се спроведува веќе четврта година, резултатите се видливи, сопствениците и управителите на објектите се веќе запознати со условите за апликација. Според програмата за поддршка на домашниот туризам, 15 милиони денари се обезбедени. Износот на ваучери е 12.000 денари, што е двојно повеќе. Зголемувањето на износот што ќе го добијат граѓаните е да им се овозможи достоинствено да ги поминат деновите за одмор. Ваучерот за годишен одмор ќе им биде даден на сите лица со ниски примања кои ќе аплицираат на јавнио повик, чиј месечен приход на семејството не надминува нето износ од 30.000 денари. Повикот за регистрација ќе започне веднаш штом ќе заврши повикот за угостителските објекти. Аплицирањето може да се изврши преку онлајн-платформата „Дома си е дома“ или директно во архивата на Министерството“, објасни раководителот на сектор за туризам Беким Хаџиу за емисијата „Утрински брифинг“.

Граѓаните кои сакаат да се пријават на повикот ќе треба да достават банкарски сертификат, документ за брачен статус и потврда за можна невработеност.

Лани медицинските работници добија ваучери за туризам, но годинава сè уште не е познато дали здравствените работници ќе можат да користат бесплатен одмор.

„Минатата година, тоа беше реализирано со одлука на Владата. Ако Владата обезбеди буџетот и објави ваков покана, ние ќе го спроведеме. Има барање, но немаме ништо конкретно во врска со тоа“, посочи Хаџиу.

Слични содржини