Парламентарните избори треба да се одржат пред 2018 година, а претходно мора да се создадат услови тој процес да биде фер и демократски, вели германскиот специјален пратеник, Јоханес Хајндл, во интервјуто за „Алсат М“.

Johanes-Hajndl

Хајндл, како што пренесува телевизијата, во дел од интервјуто, кое ќе биде емитувано утре во 22.30 часот во емисијата „360 степени“, вели дека, според него, поважно од датумот за изборите е постигнувањето консензус околу двете клучни прашања, односно избирачкиот список и медиумите. Тоа, според него, треба да биде направено во наредните неколку недели, пред летните одмори.

Неговиот впечаток по разговорите со претставниците на политичките партии е дека барем за избирачкиот список би било можно скорашно решение, додека околу медиумите сè уште се водат разговори.

„Тоа е комплексна тема и се надевам дека партиите ќе дојдат до решение пред летните одмори. Ако партиите самите не постигнат решение, тогаш би можеле да се повикате на совет и на експертиза на меѓународни експерти“, вели Хајндл.

Во врска со инвестициите, Хајндл вели дека тие и странскиот капитал одат таму каде што парите се добро и безбедно инвестирани.

„Ова подразбира функционирање на правната држава, политичка стабилност и борба против корупцијата. Во ова спаѓа и позитивната перспектива за иднината. Ова се фактори кои Македонија треба да ги изнесе на виделина кога бара странски инвестиции. Ако сме реални и искрени, треба да дојдеме до заклучок и да признаеме дека Македонија поради кризата, во споредба со другите земји, е губитник на теренот. Тука се поврзува и нешто друго, а тоа е дали Европската комисија наесен ќе биде во можност да ја повтори препораката за почеток на преговорите за членство“, смета Хајндл.

Специјалниот германски пратеник, кој пред извесен период беше во Атина, порачува дека во овој момент фокусот треба да биде ставен на решавање на политичката криза во земјава, а не на прашањето за името.

Хајндл изминативе два дена беше во посета на земјава и имаше средби со политичките лидери и со претставници на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино во обид да се најде решение за политичката криза.

Слични содржини