Хајредини за новата улога на Ставревски: „Нека му ја мислат градоначалниците, со слушалката на телефонот главата ќе им ја скрши“

од Vladimir Zorba

Новата улога на Зоран Ставревски како контролор на работата на градочаналниците е во најмала рака спорна за поранешниот министер и политички аналитичар Џевдет Хајредини.

Во изјава за „Локално“, тој кусо и саркастично искоментира: „Нека му ја мислат градоначалниците, со слушалката на телефонот главата ќе им ја скрши“.

Земајќи ја предвид актуелната енергетска криза, Хајредини дополнително негативно се осврна на некои од последиците од тогашното практицирање на властa, во времето кога Ставревски беше вицепремиер и министер за финансии.

„Со него на чело, наместо да се изгради барем една централа, се потроши речиси една милијарда за „Скопје 2014“, забележува Хајредини.

Поранешниот пратеник и поранешен заменик министер за економија Зоран Витанов има дијаметрално различен став од Хајредини во однос на враќањето на Ставревски на политичката сцена. Во изјава за „Локално“ го поздравува овој потег на опозициската партија бидејќи како што вели станува збор за стручен човек.

„Дополнително што против него колку што знам, нема никакво обвинение, а беше толку години чувар на државната каса. Крајно време е компетентни луѓе да се зафатат со економски прашања. Ставревски малку подобро разбира економија од Груби, Бошковски и Заев заедно“, коментира Витанов.

Според него крајно време е двете најголеми партии – ВМРО ДПМНЕ и СДСМ конечно да се свртат кон стручни луѓе, бидејќи досега како што вели, на економски функции се само послушници и полтрони. Токму тука Витанов ја детектира основната причина зошто Македонија е речиси на дното на листата како најсиромашна држава.

Оттука, не ја разбира дилемата околу поставувањето на Ставревски и саркастично забележува: „Ако се чудиме зошто Ставревски е поставен каде што треба да биде поставен, ќе бидеме успешно први“.

Јавноста ја изненади одлуката Зоран Ставревски да биде дел од работното тело на ВМРО-ДПМНЕ кое ќе има задача да ги надгледува градоначалниците во реализација на ветените проекти. Партијата соопшти дека работното тело ќе биде раководено од претседателот на партијата Христијан Мицкоски, а освен Ставревски, таму ќе биде и поранешниот амбасадор Оливер Шамбевски.

Ставрески беше дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од 2006-та година на позицијата потпретседател задолжен за економски прашања, а од 2009-та година и на позицијата министер за финансии. Вицепремиерот и министер за финансии со најдолг стаж на оваа функција објави дека се повлекува од функциите во Владата поради здравствени причини во 2016 година.

„Ние сме лудаци, ова што го правиме е ненормално. Трошиме за чоколадa, а немаме за леб“! За македонските граѓани ова веројатно ќе биде најпрепознатливата фраза за Зоран Ставрески, која јавноста ја слушна во една од опозициските т.н. „бомби.

К.В.С.

Слични содржини