Хакери откриле лични податоци на 1.000 полицајци во Белорусија

од Vladimir Zorba

Анонимни хакери ги открија личните податоци на 1.000 полицајци во Белорусија како знак на одмазда за сузбивање на уличните демонстрации против долгогодишниот претседател Александар Лукашенко.

Хакерите најавија дека со апсењето на демонстранти ќе продолжат масовно да ги објавуваат податоците на полицијата. Податоците беа објавени пред новиот протест со кој се бара заминување на Лукашенко од власта.

Министерството за внатрешни работи на Белорусија објави дека ќе ги пронајде и казни лицата одговорни за обелоденување на податоците, кои беа масовно дистрибуирани вечерта на 19 септември преку апликацијата за размена на пораки – Телеграм.

„Силите, средствата и технологиите со кои располагаат властите за внатрешни работи овозможуваат идентификување и обработка на огромното мнозинство на оние кои се виновни за протекување лични податоци на Интернет“, изјави Волха Чамаданава, портпарол на Министерството.

Објавената листа содржи информации за 1.003 полицајци, вклучително и нивните имиња, презимиња, датум на раѓање, единицата во која служат, нивните чинови и позиции.

Илјадници беа приведени за време на протестите во Белорусија од претседателските избори на 9 август, на кои, според официјалните податоци, победи Александар Лукашенко. Опозицијата тврди дека изборите на кои Лукашенко го освои шестиот мандат се наместени и бара да се распишат нови.

Многу демонстранти беа претепани од безбедносните сили на Лукашенко. Поради насилното сузбивање на протестите, Европската унија објави нови санкции против режимот на Лукашенко.

Слични содржини