Хакерот кој упадна во „А1 Хрватска“ оди во основно училиште

од Nikola Popovski

Хрватската полиција идентификуваше малолетник од Славонски Брод како сторител на хакерскиот упад во мобилната компанија А1 и изврши кражба на лични податоци на најмалку 100.000 корисници на тој оператор.

Според „Индекс“, хакерот кој упаднал во А1, украл лични податоци и барал околу половина милион долари во криптовалути е стар помалку од 15 години.

Полицијата го класифицира сторителот во категоријата малолетник, што е поим што вклучува тинејџери од 14 до 16 години.

Полицијата вчера наводно го чекала кога се вратил од училиште, а дејствувале во присуство на неговите родители. Тие ја пребарале семејната куќа каде, според пишувањата на медиумите, ја нашле опремата со која е извршено делото.

Бидејќи е малолетник, полицијата не излезе со подетални информации за него.

Имал помошник

По тој повод се одржа прес-конференција на хрватското МВР.

„Втор ден спроведуваме интензивна кривична истрага против малолетно лице кое живее во Бродско-Посавинската жупанија поради сомнение дека сторил кривично дело оштетување и злоупотреба на компјутерски податоци“, изјави Ренато Гргуриќ, раководител на секторот за сајбер безбедност.

„Ова е малолетно лице, повеќе нема да излегуваме со детали од истрагата“, додаде тој.

„Без разлика што е малолетник, во овој момент веќе можам да потврдам дека има доволно докази кои укажуваат на тоа дека тој е сторител на тоа дело. Кога ќе заврши истрагата, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, кажа Гргуриќ.

Полицијата соопшти дека малолетниот хакер имал помошник. Станува збор за лице кое не е од Хрватска, но беше истакнато дека помагачот не учествувал во извршувањето на делото хакерски упад.

„Во врска со извршувањето на ова кривично дело е приведено уште едно лице кое не е од Хрватска. Во моментов се утврдува идентитетот на тоа лице“, соопштија од полицијата.

Слични содржини