Хамилтон мета на расистички напади по победата на „Силверстоун“

од Stefanija Kuzmanovska

Британецот Луис Хамилтон беше мета на расистички напади на социјалните мрежи по победата во трката за Големата награда на Велика Британија, што денеска беше осудено во заедничката изјава на Формула 1, Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) и тимот на Мерцедес.

Седумкратниот светски првак славеше вчера на „Силверстоун“, а трката беше обележана со голем инцидент во првиот круг во кој учествуваа Хамилтон и возачот на Ред Бил, Макс Верстапен.

Во борбата за првото место, Хамилтон се обиде да го престигне Верстапен одвнатре и го закачи. Возачот на Ред Бул со голема брзина удри во заштитната ограда и трката беше прекината. Холанѓанецот веднаш беше однесен на прегледи, а Хамилтон доби казна од 10 секунди, но и покрај тоа, на крајот победи.

„За време и по вчерашното Гранд При на Велика Британија, Луис Хамилтон беше жртва на бројни расистички напади на социјалните мрежи. Формула 1, ФИА и Мерцедес најостро го осудуваат ваквото однесување“, се вели во соопштението.

„Овие луѓе немаат место во нашиот спорт и бараме да одговараат за своите постапки“, се додава во соопштението.

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, во неделата го критикуваше „непочитувањето и неспортското однесување“ на неговиот ривал, кој ја славеше победата на „Силверстоун“, додека Холанѓанецот сè уште беше во болница на опсервации по несреќата во првиот круг на трката.

Верстапен беше пуштен од болницата синоќа околу 22 часот по локално време, без поголеми повреди.

Следната трка на шампионатот ќе се одржи на 1 август за Големата награда на Унгарија.

Слични содржини