Хамилтон: Само што почнaв да победувам

од Vladimir Zorba

Луис Хамилтон, возачот на Мерцедес, кој го изедначи рекордот на Михаел Шумахер од седум шампионски титули во Формула 1, рече дека има впечаток „како да штотуку започнал“ и му се заблагодари на тимот, без кој, како што рече, немаше да го постигне големиот успех.

„Немам зборови. Морам да им се заблагодарам на сите тука и во двете наши фабрики. Немаше да успеам во ова ако не дојдов во овој тим, а патувањето на кое бевме беше монументално. Многу сум горд“, рече Хамилтон задржувајќи ги солзите по трката во Истанбул.

Хамилтон победи во трката за Големата награда на Турција и се изедначи со рекордот на Шумахер од седум шампионски титули.

„Знам дека често велам дека ова е над моите најлуди соништа… Но, мислам дека тајно сонував за ова цел живот. Се сеќавам кога го гледав Михаел како освојува титули, а само да освоиш една, два или три – тешко е да се успее. Седум е незамисливо. Каков ден, сè уште треба да сфатам што се случило. Се чувствувам како сега да започнувам. Се чувствувам физички во добра форма. Оваа година беше предизвик низ кој не знаев како да се снајдам, но со помош на луѓето околу мене успеав да ја задржам главата над вода и да останам фокусиран“, рече тој.

Британецот го сруши и рекордот на Шумахер по бројот на победи оваа сезона, бидејќи сега има 94.

„Морам да му се заблагодарам на моето семејство. Сонувавме за ова кога бев млад, гледав трки, и ова е далеку, далеку над она што го сонувавме. Исто така, важно е децата да видат дека е можно да се остварат соништата. Треба да работите за тоа, да ги бркате и никогаш да не се предавате или да се сомневате во себе“, изјави 35-годишниот возач.

Хамилтон сè уште не го продолжил договорот со Мерцедес.

„Се надевам на подобра следна година и би сакал да останам. Имам многу работа тука, ние само што ја започнавме нашата работа и се чувствуваме одговорни. Сакам да и помогнам на Формула 1, сакам да му помогнам на Мерцедес на тоа патување“, рече Хамилтон.

Слични содржини