Хаос на протестите во Минеаполис: Маж со автомобил влета во демонстранти, загина едно лице

од Stefanija Kuzmanovska

Една жена загина, а три лица беа полесно повредени во Минеаполис, во американската држава Минесота, кога маж влета со својот автомобил во група анти-расни демонстранти.

Жената, идентификувана како Диона Кнајдек (31), учесник на вчерашниот протест во Минеаполис, била префрлена во критична состојба во локалната болница каде починала, а уште три лица се здобиле со полесни повреди кога, како што покажаа првите резултати од истрагата, возачот удрил во паркирано возило фрлајќи го во насобраната толпа, соопшти полицијата.

Се сомнева дека возачот можеби бил под дејство на дрога или алкохол за време на извршување на злосторството синоќа нешто пред полноќ, а насобраните граѓани по инцидентот го извлекле од автомобилот, го претепале и го чувале до пристигнувањето полицијата, кога тој бил пренесен во болница.

Засега не се познати мотивите за овој чин, а според изјавите на некои сведоци, тој возел доста брзо и забрзал понатаму кога се приближил до насобраните демонстранти кои ја блокирале улицата, пренесува АП.

Собраните протестираа против смртта на Винстон Смит Јуниор, Афроамериканец, убиен на 3 јуни од полицајци кои се обиделе да го уапсат.

Полицијата тврди дека тој бил убиен во размена на оган и дека во неговиот автомобил биле пронајдени пиштол и муниција, додека неговиот придружник тврди дека тој не бил вооружен.

Слични содржини