Хаос во Англија, тренерите бесни: „Ова е лудост. Како да зборуваш со ѕид“

од Vladimir Zorba

ИАКО новиот бран на коронавирус опустоши многу тимови во Премиер лигата, кои останаа без некои играчи, раководството на лигата одлучи дека натпреварувањето мора да продолжи, и тоа уште денес. Инсистираа натпреварувањето да продолжи по полн распоред, иако се појасно е дека поради бројните одложени натпревари лигата премина во хаотична фаза.

Одлуката за продолжување на натпреварувањето налути дел од менаџерите, кои се согласуваат дека здравјето на играчите е доведено во прашање.

Тренерот на Норвич, Дин Смит, изрази голема загриженост пред средбата со Арсенал (од 16 часот).

„Празничниот распоред во секој случај е тежок, но речиси е невозможно да се бара од играчите да играат двапати за 48 часа во оваа ситуација. Не знам како ќе го направиме тоа. Мора да ги принудиме играчите кои се во фаза на закрепнување да го забрзаат процесот на рехабилитација, а со самото тоа го ризикуваме нивното здравје. Целосно е лудо да се играат два натпревари за 48 часа во овие услови. Бидејќи сите тимови се ослабени од вирусот, интегритетот и регуларноста на натпреварувањето се доведени во прашање“, рече Смит.

„Си играме со здравјето на играчите. Против Вила беше играч на теренот сите 90 минути со температура од 38,4, што не е нормално“.

Тренерот на Челси, Томас Тухел, го поддржа предлогот на неговиот колега од Јунајтед, Ралф Рангник, кој се залагаше да се дозволат по пет замени по натпревар за секој тим.

Тие пет замени беа дозволени порано за да ги заштитат играчите во периодот кога избувна пандемијата. „Ситуацијата е многу сериозна, напорна и предизвикувачка. Ако сакаат да продолжиме да играме, мора да дозволат пет замени за здравјето на играчите“, изјави Тухел.

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте, откри дека последната средба со челниците на лигата била целосно фијаско.

„Изгледаше како да разговараме со ѕид и затоа не би сакал премногу да коментирам за ситуацијата. Кога имаш ѕид пред себе, тогаш можеш да прашаш што сакаш и да кажеш што сакаш, но залудно, бидејќи одлуката е веќе донесена. Тие решија да ја продолжат сезоната и наше е да се справиме со тоа најдобро што можеме“, изјави Италијанецот.

Слични содржини