Хаосот со пасошите продолжува и за личните карти, возачките и сообраќајните

од Aleksandar Todeski

Хаосот со патните исправи во Министерството за внатрешни работи продолжува и со личните карти, возачките дозволи и сообраќајните дозволи. Извори на „Локално“ велат дека критична е состојбата и со обрасците за овие документи, па најверојатно и за нив ќе следува одлуката за издавање само во итни случаи додека не се донесат новите обрасци, бидејќи лични карти и возачки има многу малку, додека пак нови сообраќајни е речиси невозможно да се најдат.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев формираше комисија за патните исправи, која ќе одлучува кој ќе добие, а кој не пасош, додека не се реши кризата. „Локално“ се обиде да го контактира Чулев, но тој не одговори на нашите повици. До објавување на текстот, не стигнаа ниту одговори на прашањата кои им ги испративме на мејл.

Премиерот Оливер Спасовски го задолжи Чулев да го реши проблемот со недостатокот на обрасци, кои во земјава треба да пристигнат дури на средината на идниот месец. Тој пак, го обвини Спасовски дека како министер за внатрешни работи не нашол одржливо привремено решение, па целата вина ја префрли врз него.

Спасовски пак, го повика техничкиот министер подобро да раководи со Министерството за внатрешни работи.

„Сум имал и јас такви ситуации неколку пати во целиот тој период, но немаше проблем во јавноста во делот на пасошите или во делот на издавање на други лични документи“, потенцираше премиерот Спасовски.

Во меѓувреме, од Хелсиншкиот комитет за човекови права нудат бесплатно советување за сите засегнати граѓани кои ќе решат да го тужат МВР, кое според Законот за патни исправи е должно да им обезбеди лични документи на граѓаните, но  и да ги обештети оние кои претрпеле материјална штета. Според нив, согласно Законот за патни исправи на државјаните на Република Северна Македонија, надлежност на Министерството за внатрешни работи е да води сметка за обрасците и постапката за издавање на патни исправи преку нивно уредување со подзаконски акти.

А.Т.

Слични содржини