Хаосот со пасошите продолжува: МВР има 16.000 барања за пасош, а само 3.000 обрасци

од Aleksandar Todeski

Пасоши ќе добиваат само оние на кои им е најитно да заминат на лекување во странство, одлучи Управувачкиот комитет во МВР. Министерот Наќе Чулев денеска на прес конференција посочи дека магационерите во декември на тогашниот министер Оливер Спасовски му пишале дека имаат над 88 илјади пасоши, а еден месец подоцна, кога стапи на функцијата технички министер за внатрешни работи, на Наќе Чулев му одговирле дека има само 27 илјади пасоши за до март.

Дека хаосот со патните исправи продолжува покажува фактот што во МВР има пристигнато околу 16.000 барања за добивање пасош по редовна постапка, кои нема да може да бидат спроведени додека не дојдат новите обрасци, бидејќи државата има уште околу 3.000 обрасци за пасоши.

„Проблемот со патните исправи останува и понатаму. Дотогаш системот за закажување термини за пасош нема да биде во функција, а ќе има мораториум на итната постапка за вадење патни исправи. Инаку, сега дневно има по 700 барања за вадење пасош. Во моментов пасоши ќе добиваат оние кои имаат закажано по итна постапка, како и на лица кои им е потребно за лекување во странство“, рече Чулев на прес конференцијата.

Нови обрасци за патни исправи пак, треба да стигнат најдоцна на 24-ти март. Фирмата Веридос ветила дека ќе се обиде да го скрати периодот за најмногу две недели. Техничкиот министер Чулев пак, вели дека според него станува збор за државен проблем иако владата не се согласила да направи комисија на повисоко ниво.

Слични содржини