Харадинај: Да не очекува некој градење на мир и стабилност на Балканот на штета на Косово

од desk4

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека граѓаните на Косово не се двоумат во своето чекорење кон мирот, но порача да не очекува некој мирот и стабилноста на Балканот да се градат на сметка на косовската слобода, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај на свеченоста во Пеќ, каде што беа откриени споменикот на националниот херој Шкелзен Харадинај и обелискот на 183 паднати борци на Ослободителната војска на Косово (ОВК) од пеќката општина, рече дека Косово е заинтересирано за постигнување договор со Србија, но оти за својот статус нема да разговара, затоа што „тоа прашање е затворено во 2008 година“.

– Ние сме заинтересирани да живееме во добрососедски односи со Србија, но нема да разговараме за статусот, затоа што тоа прашање е затворено во 2008 година. Ние треба да го решиме со нив прашањето на меѓусебно признавање. Нека не бара веќе никој мир и стабилност на Балканот на грбот на слободата на Косово, изјави Харадинај.

Тој порача дека на Косово не му е потребна „слобода во изолација“.

– Не сакаме слобода која го изолира Косово. Ние се боревме за слободата да ја уживаме сите. Нека знаат сите дека не ни треба слобода во изолација, изјави Харадинај.

Слични содржини