Почетна / Глобално / Балкан / Харадинај даде отчет за изминатите две години владеење, од Курти не очекува економски напредок

Харадинај даде отчет за изминатите две години владеење, од Курти не очекува економски напредок

– Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај изјави денеска дека во периодот во кој тој ја водеше Владата постигнати се забележителни резултати во областа на безбедноста, економијата и социјалната добросостојба на граѓаните, јави дописникот на МИА од Приштина.

Претставувајќи го пред новинарите извештајот за работата на Владата во изминатите две години, од кога е тој на нејзино чело, Харадинај рече дека во тој период буџетот на државата е зголемен за 32 отсто, што се одразило позитивно во повеќе области.

– За 612 милиони евра е поголем буџетот одошто во 2017 година, што е зголемување од 32 отсто за две години. Порастот на бруто-домашниот производ за 2019 година е 4,7 отсто, што е најголем пораст до сега, а капиталните инвестиции во оваа година изнесуваат 789 милиони евра, или 329 милиони повеќе одошто во 2017 година. Бројот на вработени од 2017 до јули 2019 година е зголемен за 30.618, или за 10 отсто, рече Харадинај.

Покрај тоа, тој ги издвои и неколку, како што рече, „моменти со посебна тежина“, како што е спроведувањето на законот за рударскиот комбинат Трепча, законите за војската, енергетското осамостојување, законот за платите и законот за главниот град.

– Во овој период се усвоени 140 нацрт-закони, 70 подзаконски акти, 256 подзаконски акти произлезени од министрите во рамките на нивните области на делување, а 29 нацрт-закони се со директно влијание врз економскиот сектор, информира Харадинај.

Истовремено, рече премиерот во оставка, донесени се 18 одлуки на Владата за меѓународни кредити, 15 одлуки за економски зони во Косово, усвоени се десет развојни документи и четири одлуки во енергетската сфера, а потпишани се и 22 меѓународни договори.

Запрашан за очекувањата од новата влада, која по победата на Движењето Самоопределување (ВВ) на изборите од 6 октомври се очекува да ја води нејзиниот лидер Албин Курти, Харадинај изрази сомневање дека таа ќе донесе позитивен економски развој.

– Економските политики на Албин Курти, со оглед дека тој е левичар, ќе имаат негативни последици на економскиот раст, рече Харадинај.

Тој им честита на победниците на изборите, ВВ и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), кои веќе преговараат за формирање заедничка влада, за нивните заложби за борба против корупцијата, а воедно изрази надеж и дека ќе успеат, како што најавуваат, да го намалат бројот на министри во Владата од сегашните 21 на 12.

Во врска со дијалогот со Србија, Харадинај рече дека во текот на неговото владеење тој се залагал за преговори со Белград, но не и за промена на границите.

– Се гордеам што додека бев на власт успеавме во Брисел да ја спречиме поделбата на Косово, рече Харадинај.

Говорејќи за визната либерализација за граѓаните на Косово, тој изрази уверување дека таа ќе се случи до крајот на 2019 година.

– Што се однесува до либерализацијата, вистина е дека таа доцни многу, но сепак овој процес е во неговото финале. Може да се случи уште додека сум вршител на должноста, доколку се оддолжи формирањето на владата, ако не пак во првите денови на новата влада ќе имаме либерлизација. Кога велам дека е финале, мислам на тоа дека дел од работата ќе се заврши сега, до крајот на ноември. Навистина очекуваме позитивен развој за либерализацијата во декември. Стапувањето во сила на одлуката може да се одложи во декември за една недела но не и со месеци, изјави Харадинај.

loading...