Харадинај: Вучиќ е главниот одговорен за тешката состојба на северот на Косово, Владата на Курти создаде терен

од Илинка Илиоска
44 прегледи

Шефот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, поранешниот премиер Рамуш Харадинај, изјави дека актуелната Влада на Косово, предводена од Албин Курти, со нејзината „кратковида политика“ создала терен за антикосовски акции на Србија.

Коментирајќи ги мерките и барањата кои српскиот претседател Александар Вучиќ ги претстави во петокот, Харадинај на неговата страница на Фејсбук напиша дека Вучиќ е главниот одговорен за тешката состојба на северот на Косово, населен со мнозинство Срби, но додаде дека Владата на Курти придонела за тоа „фашистичката политика на Србија кон Косово да не изгледа толку лошо“.

– За тешката ситуација на северот на Косово најодговорен е српскиот претседател. Тој ја саботира секоја иницијатива за воспоставување нормалност и интеграција на Србите во косовските институции. Тој го поткопа процесот на дијалог за меѓусебно признавање. Тој им нареди на локалните Срби да го напуштат институционалниот живот. Тој им нареди да ги бојкотираат изборите. Тој ги поддржа криминалните групи и под влијание на Русија подготви сценарио за дестабилизација на Косово. Затоа, неговите барања се само продолжение на неговата војна против Косово. Болно е, но за жал теренот за овие антикосовски дејствија на Србија, поддржани од некои меѓународни кругови, е создаден од кратковидата политика на владата на Курти. Таа направи фашистичката политика на Србија кон Косово да не изгледа толку лошо, напиша Харадинај.

Според поранешниот косовски премиер, „со Србија има само едно решение: взаемно признавање во постоечките граници“.

Претседателот на Србија, Вучиќ во петокот претстави пет мерки што ќе ги преземе неговата држава „по неодамнешните тензии“ на северот на Косово, а изнесе и седум барања за решевање на прашањето на „проблемот на косовските Срби“.

Слични содржини