„ХАРИ БЕШЕ НОВАТА ДИЈАНА“: Нов документарец за принцовите крена прашина и го налути кралското семејство

од Vladimir Zorba

Британското кралско семејство застана во „обединет фронт“ и издаде ретко, заедничко соопштение во кое ја осудува британската медиумска куќа Би-Би-Си за објавување „претерани и неосновани тврдења“ во документарен филм што беше емитуван во понеделникот вечерта во Велика Британија.

Новиот документарен филм наречен „Принцовите и печатот“ (The Princes and The Press) се фокусира на односот меѓу принцовите Вилијам и Хари и медиумите. Во првата епизода, новинарите и коментаторите опишуваат како дошле до информациите – „протекување податоци“, „нечесни практики“ или неофицијални брифинзи меѓу кралски извори и новинари.

Специјалот се фокусира и на различните пристапи на браќата кога станува збор за односот кон медиумското внимание. Целта на документарниот филм, како што пренесе „Фокс њуз“, е да се истражи дали негативните приказни за членовите на кралското семејство се базирани на информации од луѓе поврзани со нив. На крајот на програмата беше емитувана изјава од Бакингемската палата, куќата Кларенс и палатата Кенсингтон за Би-Би-Си во врска со наводите. Овие куќи ги претставуваат домаќинствата на кралицата Елизабета Втора, нејзиниот син принцот Чарлс и внукот Вилијам.

„Му го украдовме животот“

„Слободниот, одговорен и отворен печат е од клучно значење за здравјето на демократијата. Сепак, тврдењата на неименувани извори, кои се претставени како факти, се премногу често претерани и неосновани, а разочарувачки е што некој, вклучително и Би-Би-Си, им дава кредибилитет“, се вели во соопштението, пренесено од ИТВ.

Како одговор, Би-Би-Си изјави дека нивната програма била за „како се прави кралското новинарство“ и дека документарецот содржи „серија новинари од радио-телевизиската и новинска индустрија“.

„Филмот го прикажува и дометот на заканите по приватноста од страна на печатот гладен за приказни за млади членови на кралското семејство. Тоа ги вклучи наводите на приватниот истражител Гевин Бароуз, кој рече дека сега жали за неговата вмешаност во гонењето на сториите во весниците за принцот Хари и неговата поранешна девојка Челси Дејви, објави Би-Би-Си, додавајќи дека неговите наводи „допрва треба да се испитаат на суд“. и дека тие се „силно спорни“.

Бароуз призна дека ја таргетирал поранешната девојка на Хари, го хакирал нејзиниот телефон и ги прегледал нејзините медицински податоци. Истражителот рекол дека тој бил дел од „непромислената“ медиумска култура што му го „украла“ нормалниот живот на принцот Хари, објави „Пипл“.

„Во суштина бев дел од група луѓе кои му ги украдоа нормалните тинејџерски години“, рече Бароуз за Хари.

Хакирање на повици

Истражителот, исто така, рече дека уредниците го опишале Хари како „новата Дијана“, мислејќи на неговата покојна мајка која загина во несреќа во 1997 година. Обидувајќи се да најде приказни за Хари, Бароуз ја таргетирал неговата поранешна девојка Челси, со која младиот човек се забавувал шест години, до 2011 година.

– Имаше многу хакирање на говорната пошта, многу надзор на нејзините телефони, комуникации… Челси им се фалеше на пријателите кога ќе отидеше да го види – рече Бароуз, признавајќи дека ги прегледал и нејзините медицински податоци, вклучително и дали имала сексуално преносливи болест или абортус.

– Бев алчен, земав кокаин и живеев во лажна состојба на величественост – рекол Бароуз, наведувајќи дека „многу му е жал“ што така се однесувал.

Во документарецот се појави и уредникот на „Сандеј тајмс“, Рој Ник, кој изјави дека вниманието кое им се посветува на девојките на принцот Хари е преголемо за да можат да се занимаваат со тоа.

– Кога сте во врска или размислувате за венчавка со член на кралското семејство, вниманието кое го трпите е огромно. Претходните врски на Хари со Челси Дејви и Кресида Бонас – делумна причина зошто ништо од ова не успеа е затоа што никој од нив не сакаше да го трпи тоа ниво на медиумско внимание – рече таа.

-Тогаш имаше 30-тина години. Еден куп негови пријатели се венчаа или веќе имаа семејства и тој беше многу загрижен дека нема да може да го постигне тоа бидејќи можеби нема да најде некој што ќе го издржи – изјави Ник.

Кога врската на Хари со Меган Маркл беше објавена во 2016 година, тој ја потврди веста осудувајќи го „бранот на злоупотреба и вознемирување“ против неговата идна сопруга. Двојката се венча во мај 2018 година – „Пипл“ наведува дека биле присутни Челси и Кресида – и имаат две деца. Тие се преселија во Калифорнија минатата година откако ги напуштија официјалните кралски должности.

„Хари и Вилијам не беа во кавга“

Подоцна во документарецот, адвокатот на Меган Маркл реагираше на извештаите за нејзината наводна злоупотреба на персоналот во палатата. Тој остро ги отфрли тие наводи. Исто така, беше истакнато дека извештајот бил објавен во британски „Тајмс“ неколку дена пред Хари и Меган да седнат со Опра Винфри во експлозивно интервју.

– Тие приказни беа лажни – изјави Џени Афија од адвокатската канцеларија „Шилингс“.

– Овој наратив дека никој не може да работи за војвотката од Сасекс, дека е премногу тешка и бара многу како шеф и дека сите морале да си одат, едноставно не е точно, изјави адвокатката.

Наставникот по пеење Стјуарт Пирс, кој тесно соработуваше со принцезата Дијана и неодамна напиша книга за неговата работа со неа, „Дијана, гласот на промените“, изјави за „Фокс њуз“ дека браќата не се скарани.

– Знам дека не се во кавга бидејќи сум во врска со луѓе кои многу добро ги познаваат. Тоа е измислица создадена од британскиот печат и тие се упорни да ја користат. Тие се двајца неверојатни мажи чии животи, до одреден степен, биле испреплетени. Тие беа обединети во тагата за нивната мајка. И тие созреаа. По тој пат открија посебни патеки. И двајцата најдоа жени кои ги исполнуваат, но како што можете да видите, тие се различни во многу нешта – истакна Пирс.

„Брат ми и јас имаме несогласувања, но сигурно не би ги нарекол раскол. Ова е дел од човековото постоење. Несогласување“ – рече тој.

Во март, принцот Вилијам стана првиот член на кралското семејство кој проговори за обвинувањата од неговиот помлад брат и Меган до Опра Винфри за време на интервју кое откри тензии меѓу браќата.

„Времето лекува се, се надевам“, рече Хари на прашањето за врската со Вилијам.

Вториот дел од документарниот филм „Принцовите и печатот“ ќе се емитува на 29 ноември.

Слични содржини