Хелсиншки комитет: Отпишувањето на децата од градинките во Карпош негативно ќе влијае врз нив

од Nikola Popovski

По најавата пренесена во медиумите, дека од 10 јуни од градинките во општина Карпош ќе треба да се отпишат сите деца што не живеат на територијата на оваа општина, до Хелсиншкиот комитет за човекови права се обратиле повеќе родители, загрижени дека ваквата одлука негативно ќе влијае на нивните деца, од кои дел се со попреченост, велат од таму.

Од Комитетот велат дека се обратиле до Министерството за труд и социјална политика со барање за постапување во конкретниот случај.

-Од министерството извршиле надзор врз работата на органите на општината и дале укажување дека децата, кои досега се уредно запишани и ги посетуваат предучилишните установи во општината, треба да продолжат со згрижувачко-воспитниот процес, согласно одредбите од Законот за заштита на деца во делот на прием на деца, како и одредбите од Конвенцијата за правата на детето и Уставот на Република Северна Македонија, појаснуваат од Хелсиншкиот комитет.

Според нив, децата кои се примени во предучилишните установи во општина Карпош, а се од други општини, уредно се примени од страна на јавните установи и имаат склучено договори и посетуваат градинка подолг период.

-Тие моментално се соочуваат со ситуација која негативно ќе влијае врз нив и не е во нивен најдобар интерес, а ова особено ги засега децата со попреченост, имајќи ги предвид нивните специфични потреби. Хелсиншкиот комитет укажува дека одлуката на општина Карпош не може да се применува ретроактивно, односно не може да ги опфати децата кои претходно биле уредно запишани во градинките, односно таа може да важи само од моментот на нејзиното донесување. Впрочем, тоа е наведено и во самиот текст на одлуката на општината, које била усвоена на 20 април 2022 година. Поради ова, а во насока на исполнување на најдобриот интерес на децата, бараме од општината и од градоначалникот на општина Карпош да не ја толкуваат незаконски сопствената одлука и предвремено да не ги раскинуваат претходно и уредно склучените договори, а одлуката да важи од денот на донесување и само за идни уписи во предучилишните установи, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Слични содржини