Хендерсон аут за три недели

од Vladimir Zorba

Капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон, ќе биде аут од теренот во следните три недели, откако стана јасно дека има повреда на тетивата. Централниот играч од средниот ред се повреди за време на поразот од 0:1 против Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите оваа недела, а менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп откри дека првичните грижи биле посериозни.

„Можеше да биде полошо, на пример, Хари Кејн доби многу потешка повреда на тетивата. Не е убаво што тој нема да игра околу три недели, но сепак сметаме дека сме среќни. Можам да си дозволам да направам смена против Вест Хем затоа што, освен Хендо, сите други момци се на линија“, објасни германскиот стратег на денешната прес-конференција.

Хендерсон сигурно ќе го пропушти дуелот со „чеканите“ во понеделник, како и уште два натпревари во Премиер Лигата – со Ватфорд и Бурнемаут. Тој исто така е аут од натпреварот од петтото коло на ФА Купот и скоро сигурно нема да може да го игра реваншот против Атлетико на 11 март.

Сепак, тој може да се врати за дербито на Мерсисајд против Евертон на 16 март.

Слични содржини