Хибернацијска диета: Трик за слабеење во текот на ноќта

од Stefanija Kuzmanovska

Килажата и проблемите со спиењето мачат многумина, а решение би можела да понуди хибернацијската диета , кај која процесот на слабеење започнува во текот на ноќта, а во исто време ви помага да спиете подобро. Клучна улога во ова игра медот кој ќе го консумирате пред спиење.

Оваа диета ја осмисли британскиот фармацевт и нутриционист Мајк Мекинес, кој вели дека истата истовремено делува за подобро спиење и слабеење, едноставно со употреба на биологијата на нашето тело и соработувајќи со неа, наместо да работи против неа.

Хибернацијската диета делува со „регрутирање“ на природен механизам за контрола на телесната тежина во организмот. Не мора да се борите против вашето тело на секој чекор со цел да постигнете здрава тежина, истакнува Мајк Мекинес.

Клучот е да се обноват регенеративните механизми на телото во текот на ноќта, да се забрзаат метаболичките процеси и согорувањето на маснотиите, да се ублажат ефектите на стресните хормони и да се помогне да спиеме подобро во текот на ноќта. И тука доаѓа медот. Како прво, добро е да знаете дали сте кандидат за хибернацијската диета.

Поставете си ги следниве прашања:

Дали редовно се будите во текот на ноќта?

Дали се потите навечер?

Дали се будите среде ноќ затоа што мора да одите во тоалет?

Дали чувствувате мачнина рано наутро?

Дали се будите исцрпени?

Дали ви е суво грлото наутро?

Дали имате грчеви во текот на ноќта?

Дали чувствувате слабост рано наутро?

Ако вашиот одговор е „да“ на кое било од овие прашања, тоа може да значи дека не сте го „снабдиле“ црниот дроб со „горивото“ што му треба за правилно функционирање навечер. Наместо да согорувате маснотии и да ги обновувате мускулите, вашето тело произведува голем бран на хормони на стрес додека спиете. Затоа, пред да одите во кревет, земете лажичка, две мед, или чист, или во топол или ладен пијалок.

Медот одамна е ценет поради неговите терапевтски својства. Авторот на диетата тврди дека фруктозата и гликозата во медот го обезбедуваат потребното гориво во текот на ноќта, што го контролира рамнотежата на нивото на шеќер во крвта и го поттикнува согорувањето на маснотиите. Додека спиете, медот ќе ја стимулира работата на црниот дроб и ќе го намали дејството на стресните хормони кои го отежнуваат губењето тежина и спиењето.

Но, хибернацијската диета не се базира само на мед. За најдобри резултати, важно е да се придржувате кон здрава исхрана, што значи избегнување на преработена храна, како што се бел леб, пица, хамбургери, чипс, пиво и шеќер, а спротивно на тоа практикувајте да консумирате храна што содржи хранливи материи валидни за нашиот организам, без непотребни адитиви.

Хибернацијската диета препорачува две или три вежби за издржливост неделно. За тоа не мора да одите во теретана – и дома можете да користите лесни тегови или вреќи исполнети со шеќер или ориз за да го направите тренингот. Постојат вежби за издржливост и во јогата и во пилатесот кои можете да ги испробате.

Слични содржини