Хил: Србија плаќа висока цена поради тоа што не воведува санкции кон Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави (САД) во Србија, Кристофер Хил, во среда, на 8 март, изјави дека Србија ќе мора да донесе одлука за санкции против Русија бидејќи, според него, таа плаќа висока цена поради невоведувањето.

Тој во интервју за радиото Сто Плус, кое го пренесе „Бета“, вели дека е многу важно Србија да не чека да стане членка на Европската унија (ЕУ), туку во процесот на пристапување да се усогласи нејзината политика со ЕУ, вклучително и во однос на воведувањето санкции против Русија.

„Мораме да знаеме дека Русија брутално го нападна соседот, многу мали европски земји воведоа санкции, иако им беше тешко, но тоа го направија затоа што беше правилно. Верувам и дека Србија ќе го разбере тоа, никогаш не е доцна да се направи вистинската работа“, рече Хил.

На прашањето што најмногу го забавува напредокот на Србија кон ЕУ – невоведувањето санкции против Москва, недоволниот напредок во дијалогот со Приштина, состојбата на демократијата или проблемите во самата ЕУ, амбасадорот Хил рече дека најискрениот одговор ќе биде „сето тоа заедно“.

„Но, најважно е граѓаните на Србија да се уверат дека патот кон ЕУ е вистинскиот, а ние веруваме дека е така. Се надевам дека граѓаните на Србија ќе го видат тоа, свесен сум дека има фрустрации и незадоволство што процесот не е побрз, но најважно е што Србија е на вистинскиот пат“, рече Хил.

„Србија многу напредуваше. Не се согласувам со песимистите кои велат дека Србија оди во лоша насока. Србија оди во добра насока. Знам дека е фрустрирачки тешко и бавно, но е на вистинскиот пат и ние ќе ја поддржиме колку што можеме“, рече тој.

Смета дека влијанието на Москва врз Белград е негативно, а резултатите на Русија во Србија се лоши и дека граѓаните ќе треба сами да се уверат.

„Мое мислење е дека Русија не ѝ помага на Србија на ниту еден начин. Тие не направија ништо за да се реши косовското прашање, не направија речиси ништо за да помогнат економски, дури и за нивната енергетска поддршка Србија мора да плати“, додаде тој.

Слични содржини