Химната, знамето и грбот остануваат исти, документи ќе се менуваат по истекот

од desk2

Граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци за менување на патните исправи и други документи, тие ќе се менуваат кога ќе истече нивната важност.

Нон-пејперот од договорот за решавање на спорот за името помеѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас што се појави во грчката јавност, според портпаролот на македонската Влада Миле Бошњаковски, е интерпретација и не соодветствува со оригиналните членови на договорот.

– Во основата на договорот е утврдено како Грција го толкува и поимува терминот Македонија. И тие го имаат прифатено тоа како ние како Македонија го поимуваме и толкуваме терминот Македонија. Се прави јасна дистинкција меѓу тоа што за нив значи Македонија и тоа е прифатливо за нас, и што тоа значи за нас Македонија и тоа е прифатливо за нив – рече Бошњаковски.

Тој повтори дека ние го задржуваме правото да се именуваме како Македонци.

– Договорот предвидува превод на името Република Северна Македонија на сите јазици. Договорот не предвидува транскрипција на латиничен алфабет на името Република Северна Македонија. Меѓу другото и тоа стоеше во тој документ, што не е точно – рече портпаролот на Владата Бошњаковски.

Со договорот, тврди тој, се зачувува македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

– Нема да постои фуснота во ОН. Во договорот постои член, што е научен факт, дека македонскиот јазик припаѓа во групата јужнословенски јазици – рече Бошњаковски.

Државните симболи, според Бошњаковски, воопшто не биле дел од преговарачкиот процес.

– Химната, знамето и грбот остануваат исти – додаде тој, посочувајќи дека веќе нема да коментираат неофицијални документи.

Во однос на преименувањето на државните институции тие, според Бошњаковски треба да го следат „духот“ на договорот.

Самиот договор ќе биде етапен и имплементацијата е планирана во наредниот петгодишен период како што се отвораат поглавјата со ЕУ за членство.

Граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци за менување на патните исправи и други документи. Тие, според Бошњаковски, ќе се менуваат кога ќе истече нивната важност.

– Тие трошоци ќе бидат редовни што ги имаат граѓаните при вадење нови патни исправи – рече владиниот портпарол, додавајќи дека за сите други трошоци се прави анализа и постои можност тие да бидат спакувани на таков начин за граѓаните да не сносат никакви трошоци.

Засега сѐ уште не се знае каде и кога ќе биде потпишувањето на договорот меѓу Заев и Ципрас.

Слични содржини