Хоџа: Додека го водам министерството нема да  дозволам поединци да профитираат  на сметка на лозарите

од Берта Китинска

Министерот за земјоделство  Арјанит Хоџа денеска  уште еднаш повтори дека додека тој го води Министерството, политика во земјоделството нема да има и производителите нема да се делат по таква основа.

Нема да дозволиме како завчера, поединци политички да профитираат на сметка на лозарите, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа.

Хоџа рече дека е во постојана комуникација со лозарите и ништо од ветеното не е надвор од рамките на она што е разговарано.

-Точно е дека сум разговарал со винарските визби за поголема цена од ланската и точно е дека поголемите визби тоа го почитуваат. Има и такви што не го почитуваат, затоа свикав состанок само со визбите во средата, за да разговараме зошто е тоа така. Со оглед дека уште сме на почеток, нормално повеќето визби се уште не почнале со откуп. Затоа за мене е несфатливо уште на почеток на откупот да се прави обид да се профитира политички на грбот на лозарите, потенцира министерот.

Според него, вчера, тие што имале добро грозје и чиј откуп бил договорен, го предале во „Тиквеш“.

-Сметам дека откупот непречено ќе се одвива. Врз основа на информациите од терен и квалитетот на родот, очекувам дека нема да остане ниту килограм гројзе, а по среда, освен визбите што откупуваат, очекувам да се приклучат и другите и да се придржуваат до цените, 11 денари за „смедеревка“ и 13 за „вранец“. Будно и внимателно ја следиме ситуацијата, ако има потреба ќе дејствуваме како држава. Но, моја работа како министер е да воспоставиме ред меѓу лозарите и откупувачите, да не треба секоја година државата да одвојува огромни средства за оваа гранка. Ако е тоа потребно, ќе го направиме, но ако не е, нема да дозволиме преку обиди како завчера, да се профитира политички на грбот на лозарите, истакна Хоџа.

Слични содржини