Храната и менталното здравје на децата

од Vladimir Zorba

Менталното здравје на детето е силно поврзано со видот на храната што ја консумира на дневна основа, покажа студијата која ја истражува важната улога на здравата исхрана од првите години од животот.

Менталното здравје на постарите еца особено се подобрува со јадење добар појадок и ручек, како и дневен внес на овошје и зеленчук, покажа студијата која опфати 9.000 деца во Велика Британија, а беше спроведена на Универзитетот „Источна Англија“ во Норвич.

Професорката Ејлс Велч, која ги спровела студиите објавени во септември, вели дека исхраната на децата има големо влијание врз нивното ментално здравје.

Според студијата, децата кои го прескокнуваат појадокот се со полошо ментално здравје, а децата кои консумираат пет или повеќе порции овошје и зеленчук дневно имаат најдобри резултати од тестовите.

„Врската помеѓу исхраната и физичкото здравје е добро позната, но до денес не е познато многу за улогата што исхраната ја игра во емоционалното задоволство на детето“, вели Велч.

„Постои сè поголемо признание за важноста на менталното здравје и радоста во најраните години, особено затоа што проблемите со менталното здравје на адолесцентите често продолжуваат кога ќе пораснат и водат до послаби животни резултати и достигнувања.

Во тестот, научниците ги испитувале децата за нивните навики во исхраната, а проучувале и други фактори како што се радоста, способноста за опуштање и односите со другите луѓе.

Тие земале предвид и други фактори кои би можеле да влијаат на благосостојбата на детето – на пример проблематичните семејни односи.

Нутриционистите веќе долго време истакнуваат дека здравата исхрана вклучува јадење на пет порции овошје или зеленчук дневно.

Според студијата, шестгодишно дете треба да јаде 230 грама зеленчук и 210 грама овошје дневно.

13-годишните девојчиња треба да јадат 320 грама зеленчук и 300 грама овошје, а момчињата во количина од 390, односно 360 грама.

И зеленчукот и овошјето можат да бидат сирови или варени, а внесувањето исто така се брои кога зеленчукот и овошјето се користат за подготовка на топли оброци.

Слични содржини