Хрватска агенција истражува смрт по вакцинирање со „АстраЗенека“

од Stefanija Kuzmanovska

Во Хрватска е пријавен случај на фатална белодробна емболија, кој е временски поврзан со употребата на вакцината против коронавирус на „АстраЗенека“ , беше објавено денес во Загреб.

Хрватската агенција за лекови (ХАЛМЕД) објави дека од моментално достапната медицинска документација на почината 91-годишна жена, не е можно да се процени причинско-последичната врска со вакцинацијата, а била побарана и дополнителна документација, пренесе „ХРТ“.

Премиерот Андреј Пленковиќ вечерва за јавниот сервис изјави дека разговарал со министерот за здравство Вили Берош за случајот на 91-годишна жена која починала на третиот ден по вакцинирањето.

„Тој е во контакт со директорот на ХАЛМЕД и информациите што ги имаат се такви што тие не гледаат никаква причинско-последична врска помеѓу таа смрт и примањето на вакцината. Тие сè уште испитуваат сè“, рече Пленковиќ и најави дека ќе се консултира со Европската агенција за лекови.

Премиерот оцени дека одлуката да се запре вакцинацијата со вакцината „АстраЗенека“ мора да ја донесе професијата и дека не смее да станува збор за волонтеризам.

Тој исто така ги отфрли шпекулациите во медиумите дека граѓаните одбиваат да се вакцинираат со „АстраЗенека“.

Слични содржини