Хрватска би можела да го воведе еврото во 2023 година

од Stefanija Kuzmanovska

Европската централна банка (ЕЦБ) објави дека на барање на хрватските власти, институциите на ЕУ решиле да ја вклучат хрватската куна во т.н. exchange rate mechanism (ЕРМ 2), што претставува еден вид валутна сала за чекање за еврото.

Еврото би можело да се воведе во Хрватска уште на 1 јануари 2023 година, пишува „Јутарњи лист“.

По консултациите со Комисијата, Економскиот и финансискиот комитет, беше решено средниот курс на куната за еврото да биде 7.53450 куни.

Во однос на тој курс, и додека еврото не стане официјална валута, ќе се дозволи пад или раст на курсот на куната за максимум 15 проценти. Со други зборови, 7.53450 куни за евро е централниот девизен курс се додека куната не остане само дел од хрватската историја, а тоа би можело да биде на 1 јануари 2023 година најрано, пишува Јутарњи.

Пуштањето на Хрватска и Бугарија во механизмот ЕРМ-2, што е еден вид чекална пред воведувањето на еврото, не е само голем чекор за потенцијалните идни членки на еврозоната, туку и за целата еврозона, која се бореше со голем број проблеми од финансиската криза во 2008 година.

Бидејќи земјите од еврозоната веќе една деценија се наоѓаат под голем притисок на стагнација, што доведе до голем пресврт во политиката на ЕЦБ, зголемувањето на бројот на земји што користат еврото како заедничко средство за плаќање е знак дека може да ја одржи својата позиција на резервна светска валута. Само доларот има таков статус.

Клучна причина зошто земјите, како по правило, одлучуваат да го усвојат еврото, односно да се приклучат на механизмот ЕМР 2, е да ги зголемат шансите за привлекување инвестиции, како и значително поповолна цена за задолжување.

Со оглед на тоа што хоризонтот за влез во еврозоната сега е јасно исцртан, Хрватската народна банка ќе мора да побрза со техничката подготовка за воведување на еврото како валута на плаќање.

Слични содржини