Хрватска: На заразените со коронавирус ќе им биде забрането да гласаат на парламентарните избори

од Nikola Popovski

Хрватската изборна комисија соопштила денеска дека нејзината одлука да им забрани на граѓаните на кои им е дијагностициран Ковид-19 да гласаат на парламентарните избори e во согласност со законот, со цел да се заштити здравјето на граѓаните од заразни болести.

На 1 јули изборната комисија делумно ги сменила препораките за гласањето, но клучната одредба за забрана за гласање за оние заразени со коронавирус остана.

Комисијата исто така препорачала граѓаните да ја измерат својата температура во недела наутро, и дека доколку имаат повисоки од 37,2 степени и доколку имаат респираторни симптоми карактеристични за Ковид-19, да се јават кај својот лекар.

„Секоја друга, поблага мерка што би се обидела да ја постигне оваа цел, би го загрозила здравјето на граѓаните и веруваме дека во овој случај не можеме да зборуваме за „понизок или повисок степен“ на штета за граѓаните, велат од Комисијата во одговор на невладината организација, Гонг, која ја доведе во прашање уставноста на нејзината одлука за забрана на гласање од страна на оние заразени со коронавирусот.

Во одбрана на својата одлука, Комисијата соопшти дека нејзина обврска е да се обезбеди право на здравје на сите членови на избирачкиот одбор, како и на гласачите, и дека заштитата на членовите кои би контактирале заразените „не може да се обезбеди со маска и нараквици“, јавија хртаватски медиуми.

Инфицираните нема да можат да гласаат на парламентарните избори затоа што на нив им е изречена мерка – изолација, што вклучува забрана за физички контакт со други лица, вклучително и членови на избирачките места.

Слични содржини