Хрватска најде решение за спас на туристичката сезона

од Nikola Popovski

Од средината на април, Хрватска ќе започне голема акција за спас на туристичката сезона, бидејќи тогаш ќе започне со вакцинирање на туристички работници, а државата ќе ги кофинансира сите туристи со брзи антигенски тестови, пишува „Јутарњи лист“.

На почетокот на следната недела, Хрватскиот институт за јавно здравје ќе добие список на лица од туристичкиот сектор кои сакаат да се вакцинираат, а станува збор за околу 70.000 не само вработени со полно работно време, туку и сезонски работници кои се во директен контакт со туристи, како што се рецепционери во хотели, кампови, готвачи и келнери, работници во туристички агенции.

Вакцинацијата треба да започне во четврток, масовните контролни пунктови во поголемите градови ќе бидат организирани во спортски сали, а вакцинацијата е можна и во големите хотели.

Намерата е меѓу другото, туристичките работници да се вакцинираат со вакцината „Џонсон и Џонсон“, која се дава во единечна доза, за сите да можат да се вакцинираат до почетокот на сезоната.

После тоа, планот е да се вакцинираат околу 90.000 приватни изнајмувачи, а Хрватска одлучи да покрие дел од трошоците за антигенско тестирање.

Во Загреб веќе има 11 приватни клиники и две јавни установи кои ќе направат и антигенско и ПЦР-тестирање, во зависност од тоа што ќе им требаат на туристите, а на плоштадот Бан Јелачиќ ќе има и мобилен пункт за тестирање.

Туристите ќе можат да се регистрираат преку е-пошта за тестирање еден ден претходно, а сите локации за тестирање во Хрватска ќе бидат наведени на веб-страницата „Безбеден престој во Хрватска“.

Слични содржини