HRW наведува дека Бугарија пушта полициски кучиња на бегалците од Блискиот Исток

од Stefanija Kuzmanovska

Бугарските власти пуштаат полициски кучиња на бегалците од Блискиот Исток и користат други насилни методи за илегално да ги протераат од земјата назад во Турција, објави невладината организација Human Rights Watch (HRW).

Според HRW, мигрантите пријавиле дека полицијата тепала, ограбила и им ја соблекла облеката.

„Бугарските власти брутално и накратко ги протеруваат мигрантите и барателите на азил преку копнената граница со Турција“, рече Мишел Рандава, службеник за правата на бегалците и мигрантите во HRW.

Таа нагласи дека Европската унија треба да обезбеди Бугарија веднаш да ги запре нелегалните и нехумани депортации на нејзините граници и да им дозволи на барателите на азил пристап до правични процедури за азил.

Бугарската влада не одговори на извештајот на HRW, но официјални лица претходно негираа малтретирање на мигрантите.

HRW интервјуираше 15 Авганистанци од ноември до април, кои изјавија дека биле „жртви на 19 протерувања на бугарските власти од Бугарија во Турција“.

Бугарското Министерство за одбрана во ноември објави дека распоредило војници и воени возила долж границата со Турција за да ѝ помогне на полицијата да се справи со големиот број бегалци кои се обидуваат да влезат во земјата.

Бугарија е на „балканската рута“ што ја користат бегалците од Блискиот Исток и Авганистан за да стигнат до Европа.

Мал дел од нив сакаат да останат во таа, најсиромашната земја во Европската унија, а всушност ја користат Бугарија за транзит кон запад, пренесува АП.

Слични содржини