Хуманитарна акцја: Облека и опрема на Федерер продадени за скоро 4 милиони евра

од Stefanija Kuzmanovska

Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Швајцарецот Роџер Федерер, собра скоро четири милиони евра на аукцијата на неговата спортска облека и опрема во аукциската куќа „Кристис“.

Целиот приход од продажбата ќе биде дониран на фондацијата „Роџер Федерер“, која финансира едукативни проекти за деца во Јужна Африка и Швајцарија. Продажбата донесе вкупно 3,98 милиони евра, скоро четири пати поголема од првичната цел. Аукцијата се одвиваше во две фази – во живо на 23 јуни во Лондон, како и преку Интернет од 23 јуни до 14 јули.

Меѓу бројните предмети на аукцијата беа рекетот со кој Федерер ја освои титулата на Вимблдон во 2007 година, како и патиките во кои го освои Ролан Гарос во 2009 година …

„Постигнатите цени беа неверојатни, што ме прави многу среќен затоа што парите одат во фондацијата „Роџер Федерер“, рече швајцарскиот шампион, додавајќи: „Почнавме да собираме предмети што ме следеа на теренот затоа што мислевме дека можеби еден ден ќе сториме нешто корисно со нив“.

Највисока цена достигнаа трите рекети кои Федерер ги користеше на Вимблдон во 2019 година, а се продадоа за 162.500 фунти.

Колекцијата Роџер Федерер е најголемата колекција на спортски сувенири што некогаш е објавена од еден сопственик, изјави за „AFP“ портпаролот на „Кристис“ за време на презентацијата на некои предмети на аукцијата.

Слични содржини