И без закон за ЈО, извесно е дека ќе има завршница за предметите на СЈО

од desk4

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија вчера ги презеде предметите од СЈО. Со тоа, веќе е извесно дека нивното процесирање во судовите ќе продолжи и ќе имаат завршница.

Носењето на законот за ЈО, според министерката за правда Рената Дескоска, веќе не е нужно заради продолжување на предметите на СЈО и нивниот трансфер во ЈО, но е потребно заради исполнување на обврските од Стратегијата за реформа во правосудниот систем.

-Трансферот на предмети кој се случува им ги помати сметките на оние кои посакуваа после 15-ти септември да нема специјален јавен обвинител, да нема некој кој ќе ги заврши предметите, да постои институција со заглавени, незавршени предмети уште една година, тој план направи штета, но пропадна. Сега е веќе извесно дека предметите на СЈО ќе имаат завршница со нивното пренесување во Републичкото јавно обвинителство. Целосно се тргна и можноста за какво било негативно влијание од мислењето на Врховниот суд, истакна вчера Дескоска.

Од Обвинителството вчера попладне информираа дека предметите се преземени и доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети се до определување на надлежно Јавно обвинителство и јавен обвинител кој ќе постапува во секој предмет.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, пак изрази очекување дека Советот на јавни обвинители во најскоро време да го реши статусот на обвинителите од СЈО.

-Сите обвинители кои се во СЈО, односно полномошници на специјалниот јавен обвинител нивните функции од обвинителствата од кои дошле мируваат и мислам дека имаат тие такви решенија и прашањето за извршување на нивната функција е во надлежност на Советот на јавните обвинители. Јас очекувам дека Советот на јавни обвинители во најскоро време ќе го реши нивниот статус дали тие ќе се вратат од функциите во обвинителството од кое што дошле, рече Јовески.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, вчера изјави дека насилното преземање на предмети од СЈО надвор од закон, ќе креира анархија.

–  Постапувањето на јавниот обвинител по наредба на лице притворено за тежок криминал и злоупотреба на службената положба е невиден преседан и е дополнителен удар врз правниот систем. Насилното преземање на предмети од СЈО надвор од закон, по наредба токму на истото лице кое е осомничено дека ги злоупотребувало токму тие предмети за политички притисоци и изнуда на пари ќе креира анархија, истакна Јанушев.

Слични содржини