Ибрахимовиќ започна да тренира, но не со Милан

од Nikola Popovski

Златан Ибрахимовиќ се подготвува да ја продолжи сезоната, прекината поради пандемија од коронавирус, со тренинг во Стокхолм со играчите на Хамарби, клуб во кој има 25 проценти удел.

Шведскиот весник „Експресен“ објави видео на кое се прикажува тренинг на напаѓачот на Милан со помала група со играчи на Хамарби.

– Ибрахимовиќ се јави и праша дали може да се приклучи на тренинзите, рече претседателот на клубот, Ричард фон Јкскул.

Кон крајот на минатата година, Златан влезе во клубот како сопственик на 25 проценти од акциите. Оттогаш тој се појави на натпревари и исто така неколку пати тренираше во клупскиот камп, но ова е прв пат тој да тренира со тимот.

Договорот на Ибрахимовиќ со Милан истекува по оваа сезона, а според италијанските медиуми, тој скоро сигурно го напушта „Сан Сиро“. Останува специјалното прашање дали тој воопшто ќе игра за „росонерите“.

Легендарниот шведски напаѓач се врати во матичната земја кон средината на март, кога првенството беше суспендирано во Италија. За разлика од карантинот во Италија, преземени се многу полесни мерки во Шведска за борба против пандемијата. Забрането е собирање на повеќе од 50 лица, така што е можно да тренираат фудбалери.

И додека ги развесели навивачите на Хамарби при пристигнувањето во клубот, навивачите на Малме, клубот каде ја започна својата кариера, беа налутени од неговиот потег.

Во изминатата година, неговата статуа, која е подигната во тој град, е оштетена неколку пати.

Ибрахимовиќ ја доби статуата во родниот град на почетокот на октомври минатата година, во близина на стадионот „Сведбанк“, каде што игра неговиот поранешен клуб Малме. Сепак, споменикот на Ибрахимовиќ тогаш беше размачкан со спрејови, пален со факели, а на раката му висеше седиште на тоалет шолја.

Плочката со неговото име беше истурена со солна киселина, а потоа му беше пресечена едната нога, така што постоеше опасност споменикот да биде срушен.

Слични содржини