Идеја за ручек: Посни пиперки полнети со киноа и ореви, повкусни од оние со месо

од Vladimir Zorba

Пиперките се еден од најчестите зеленчуци во нашата кујна, а домаќинките обожаваат да ги подготвуваат на многу начини. Најпопуларни се секако свежите или сувите пиперки полнети со месо, но исто толку се вкусни и во посната варијанта.

Бидејќи постот е во тек, па многу домаќинки се прашуваат што да подготват за ручек, ние ви подготвивме рецепт за посни полнети пиперки кои досега не сте ги пробале.

Комбинацијата од киноа и мелени ореви ќе ве собори од нозе, па нема да имате впечаток дека на јадењето воопшто му недостасува месо.

Состојки:

8 пиперки
1 главица кромид
½ половина праз
4 чешниња лук
1 морков
Шолја од 100 мл полна киноа
200 гр мелени ореви
2 супени лажици сок од домати
1 лажица брашно
1 лажичка црвен пипер
1 лажичка сол
зачини по вкус
масло
свеж магдонос за декорација

Подготовка:

Во голема тава загрејте малку масло, а потоа додадете ситно сечкан кромид. По пет минути додадете ги сечканиот праз, морковите кои претходно сте ги изрендале на крупно ренде и ситно сечканиот лук. Гответе сè заедно околу пет минути.

Ставете ја киноата во ладна вода и измијте ја додека водата не стане чиста. Потоа додадете ја киноата во тавата со зеленчукот. На крајот додадете мелени ореви.

Измешајте сè и додадете сол, пипер и други зачини по вкус.

Пиперките измијте ги и пресечете ги одозгора, па наполнете ги со смесата и наредете ги во длабока тава.

Истурете околу два литра вода во тавата во која сте го пржеле зеленчукот, а потоа додадете сос од домати, лажица брашно и зачини по вкус. Добиената течност прелијте ја врз пиперките за половина од нив да „пливаат“ во неа.

Ставете ги пиперките во загреана рерна да се печат на 180 степени околу 45 минути.

Кога ќе бидат готови, посипете ги со ситно сечкан свеж магдонос и послужете ги топли.

На здравје!

Слични содржини