Идејата на Костов за економски рамковен договор – одлична во теорија, но тешко применлива во пракса

од Vladimir Zorba

Идејата на поранешниот премиер Хари Костов партиите да потпишат рамковен договор за економски реформи, предизвика различни коментари кај стопанствениците.  Дел од нив се сомневаат дека политичарите ќе смогнат сили да се обединат околу една идеја со оглед на неединството кое го манифестираат секојдневно.

Бизнисменот Зоран Витанов кој е познат во јавноста по острите критики на сметка на економската состојба во државата ,во разговор за „Локално“ отворено искажува сомнеж во нејзината применливост, а како единствена причина го посочува инволвирањето на политичарите.

За економската состојба во државата, вели тој, можат да решаваат исклучиво прептриемачите и никој друг.

Се додека политичарите одлучуваат за економската состојба и се дури претприемништвото и стопанство постојат заради политичарите, Македонија не само што ќе тоне туку нема да има економија. Се дури не се дигнат стопанските комори, претприемачите и здруженијата на менаџери, едноставно нема да имаме вистински економски реформи.Америка како најсилна економска сила на сите времиња во историјата на човечштвото, во 19 век  ја кренаат претприемачите.Сега Америка ја водат политичари, и американската економија почна да тоне.Многу е едноставно или ќе дадеме претприемачите да го водат последниот збор или нема да имаме економија,бидејќи политичарите ги интересира припадноста а претприемачите ги интересира компетентноста, вели за „Локално“ Витанов.

Од Комората на северозападна Македонија пак сметаат дека идејата за рамковен економски договор е одлична бидејки крајно време е во фокусот на надлежните да биде економијата и развојот на државата.

– Идејата за економски рамковен договор е во склоп со идејата на нашата Комора за создавање на стратегија за развој како долгорочен документ во чие креирање ќе се вклучат акдемиците, политичарите и сите други економски чинители.Таквата стратегија потоа треба да се отслика во владин документ и без одлагање да се реализира во годините што следат, вели за „Локално“ Дрилон Исени.

Тој не се сомнева дека политичарите ќе ја прифатат новата иницијатива бидејќи како што вели крајно време е фокусот да се стави на економскиот раст со оглед на тоа дека економијата во земјава е слаба а јавните услуги лоши.

-Досега партиските интереси беа примарни за политичарите, а најмалку ги засегаа јавните интереси.Сите тие, треба да го реализираат напишаното во нивните партиски програми, да ги исполнат обврските кон народот и стопанството независно кој е на власт, вели Исени.

Според Костов во договорот кој евентуално би го потпишале политичките партии треба да бидат вклучени претставници од науката и бизнисот, а би се опфатиле, меѓу другото, задолженоста и рационализацијата на државната администрација

К.В.С.

Слични содржини