ИДУЕП достави декларација како основа за водење на дебата за осовременување на образованието

од Nikola Popovski

Воведувањето на дигитални алатки во образованието е многу сериозна тема која одлучува за иднината на денешните генерации ученици и студенти. Оттука, важно е сите образовни и воопшто општествено-политички чинители аргументирано да разговараат на оваа тема. Независно дали и каква одлука финално ќе биде донесена за осовременувањето на образованието, таа треба да е издржана, инклузивна и првенствено фокусирана на потребите на учениците, студентите и сите други кои се на првата линија на образовниот „фронт“, сметаат од Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

„Изминативе неколку недели иако тивко, постојано ги следиме сите дискусии на политичарите, образовните чинители, како и граѓанскиот сектор и поединците на тема дигитализација на образованието. Секако дека е потребно да се води дебата за секоја реформа, а дискусија базирана на различни аргументи и мислења е темел на доброто управување. Како основа за воспоставување на добра комуникација ИДУЕП изработи Декларација во која ги сумиравме ставовите од различните субјекти на кои изгледа дека се согласуваат учесниците во досегашната јавна дебата. Со прифаќање на овој или друг сличен документ и негово ставање во средиште на дискусијата може да се дојде до продуктивна расправа која ќе изнедри евентуално долгорочно решение за стратешко осовременување на образованието“, истакна комуникологот и координатор на програма во ИДУЕП, Бојан Кордалов.

Оваа Декларација нема за цел да поддржи или негира одреден актуелен предлог за осовременување на образованието. Единствената намера е да ја поддржи дебатата базирана на различни размислувања и добрите европски и светски практики бидејќи тоа е единствениот начин на кој може да се носат инклузивни решенија од интерес на сите граѓани. Дополнително, со ваквиот приод се надеваме дека ќе придонесеме за воспоставување на нова пракса во политичката комуникација и воопшто јавниот дискурс што ќе се базира на вклучување на сите, но и воспоставување на дијалог без дискриминација, позиција на моќ или пак, закани и уцени од било која страна.

„Политичарите меѓу себе може, но секако и не треба да се согласуваат на одредени теми. Сепак, неопходно и важно е да комуницираат, соработуваат и да тежнеат кон вклучување на сите граѓани и заинтересирани субјекти при носењето на одредени одлуки, како и при креирањето на општествените ставови и политички платформи. Ова особено важи за теми кои ги засегаат граѓаните и иднината на целото општество како што се образованието, здравството, квалитетните јавни услуги итн.“, вели Кордалов.

Младите и нивното образование е клучно за иднината, а таквото образование се креира денес, во сегашноста. Од ИДУЕП велат дека иако не е обврска за никој субјект, сепак сите заинтересирани институции, политички партии, организации, пратеници и сите останати поединци можат истата да ја потпишат и испратат до Институтот.

Декларацијата е испратена до државниот врв, МОН, Комисијата за образование при Собранието, политичките партии, граѓанските организации кои се активни во сферата на образованието и младинските политики, меѓународните претставништва и организации, како и други општествени чинители активни во оваа сфера.

Слични содржини