ИФИМЕС: ЕУ – Западен Балкан 2022: Крај на ерата на „додворување“ на Западот

од Vladimir Zorba

На 6 декември 2022 година, во Тирана се одржа Самитот на Европската унија (ЕУ) и земјите од Западен Балкан, на кој се разговараше за заедничко решавање на последиците од руската инвазија на Украина, за интензивирање на политичкиот дијалог и политиката на проширување, и зајакнувањето на безбедноста и градењето отпор кон странското мешање, решавањето на предизвиците што ги носи миграцијата, борбата против тероризмот и организираниот криминал. Самитот уследи два месеци по неформалниот самит на земјите од европската политичка заедница во Прага, на кој учествуваат сите европски земји освен Русија и Белорусија, анализира ИФИМЕС – Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии со седиште во Љубљана, Словенија.

На крајот од Самитот на ЕУ – Западен Балкан, беше усвоена декларација, со која се предупредува дека ескалацијата на агресивната војна на Русија против Украина го загрозува европскиот и глобалниот мир и безбедност и ја нагласува важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан, потврдувајќи ја неговата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ. Се бара усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ (ЗНБП) и дејствување во согласност со неа, вклучително и во однос на рестриктивните мерки на ЕУ. Оние партнери од Западен Балкан кои веќе ја покажуваат својата стратешка определба во овој поглед со целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ се пофалени, а оние кои не го сториле тоа се охрабруваат да го следат примерот.

Самитот за прв пат се одржува во регионот на Западен Балкан.

Сепак, најголемиот настан во регионот се одржа во октомври 2021 година во Белград, кога се одржа Самитот на неврзаните по повод 60-годишнината од основањето на тоа движење, на кој учествуваа делегации од повеќе од 120 земји.

Справување со последиците отколку со причините за кризата

Руската инвазија на Украина ја предизвика најголемата безбедносна криза во Европа по Втората светска војна, а следствено и енергетска и прехранбена криза. На самитот во Тирана беше ветена помош од ЕУ за земјите од Западен Балкан во износ од една милијарда евра за надминување на последиците од енергетската криза. ЕУ не нуди решение за украинската криза, не се занимава со причините за украинската криза туку со нејзините последици, кои ја засегаат не само ЕУ, туку и целиот свет. Во целиот свет дојде до нарушување и најголема криза на светскиот поредок на ОН, која настана како резултат на Втората светска војна и која не соодветствува со сегашните времиња и односи во светот.

Војната во Украина предизвикува пореметувања во трговијата и инвестициите ширум светот, погодувајќи ги производителите на автомобили во Европа, хотелиерите во туристичките дестинации, увозниците на храна и енергија. Иако сиромашните во светот, кои трошат голем дел од својот приход на потреби, се најранливи, ниту една земја, регион или индустрија не останаа недопрени од овие нарушувања. Војната и санкциите резултираа со прекин на клучната транспортна врска меѓу Русија и Украина и остатокот од светот, нарушувајќи ја светската трговија во поширока смисла. Руските транспортни врски со европските пристаништа се прекинати, а ограничен е и извозот на стоки до други дестинации.

Анализите покажуваат дека компаниите ќе ги преоценат геополитичките ризици и дека ќе има преместување на производството од земјите кои се сметаат за ризични, што донекаде ќе ги преобликува глобалните трговски синџири и светскиот бизнис воопшто. Тоа е и одлична развојна можност за земјите од Западен Балкан.

Руското влијание е преголема опасност за Западен Балкан

Руското влијание на Балканот станува преголема опасност за Западот, кој долго време го запоставува овој регион. Русија во моментов е преокупирана со агресија врз Украина. Рускиот претседател Владимир Путин се спасува себеси и својата империја. Западен Балкан е на готовс. „Путинците“ во регионот чекаат сигнал за акција.

Евентуален конфликт на Западен Балкан повеќе не би бил локален, туку европски и би влијаел на ЕУ, бидејќи веќе не постои монополарен свет (САД) како во 90-тите години на минатиот век, туку полицентричен и има актери кои се подготвени да ја „запалат“ Европа.

Аналитичарите сметаат дека Србија зазема посебно место во регионалните односи и европската перспектива, како највлијателна земја во регионот, бидејќи без европска Србија нема европски Балкан. Србија е на еден вид крстопат. Се поставува прашањето, дали ЕУ сака Србија во сојуз со Русија и Кина, кои ја вклучуваат Србија во нивните геополитички, воени и економски интереси надвор од ЕУ, или ЕУ сака да и помогне на Србија да стане полноправна членка на ЕУ. Во овој случај, изборот е на ЕУ, која треба да и помогне на Србија и да престане со постојаното условување на таа балканска земја. ЕУ е одговорна за фијаското на дијалогот меѓу официјален Белград и Приштина. Постојаните инциденти и блокади, кои главно и се припишуваат на владата во Приштина, не се добра појдовна точка, дека наскоро ќе биде потпишан сеопфатен правно обврзувачки договор за нормализација на односите, а тоа ја претставува реалната слика за состојбата на односите во ЕУ.

ЕУ воведува квази-визен режим за земјите од Западен Балкан

Украинската криза предизвика тектонски промени во светот. САД и ЕУ мора да знаат дека социјализмот е соборен токму поради атрактивните вредности кои се нудеа, демократијата, човековите права, слободата на говорот, граѓанските и економските слободи… Укинувањето на роамингот меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан е популистичка мерка на ЕУ. Имено, сосема е јасно дека со појавата и користењето на различни апликации (Viber, Whatsapp, Telegram и други) роамингот е бесмислен и затоа оваа мерка го навредува здравиот разум кај жителите на Западен Балкан.

Од друга страна, ЕУ го воведува Европскиот систем за информации и овластување за патување (ETIAS), кој го воведува кон трети земји, од кои земјите од Западен Балкан не се изземени. Оправдано е прашањето дали ЕУ навистина сака проширување на ЕУ или сака трајно да го зацементира процесот на проширување со воведување на ЕТИАС? Во исто време, ЕУ бара од земјите од Западен Балкан да воведат визи за граѓаните на трети земји. Ова е особено чувствително прашање за Србија, која има безвизен режим со многу земји. Со воведување визи за поголем број земји членки на Движењето на неврзаните, Србија би ги поништила позитивните ефекти од Самитот на неврзаните од октомври 2021 година, кој се одржа во Белград и кој претставува пресвртница во развојот и подобрувањето на односите со тие земји. Примената на регулативата ЕТИАС би значела воведување визи за земјите со кои Србија почнала да развива интензивна економска соработка, што би предизвикало огромна штета на Србија. Дополнително, ЕУ им додели нови домашни задачи на земјите од Западен Балкан во врска со илегалната миграција, борбата против тероризмот и организираниот криминал.

Системот ЕТИАС во пракса значи дека секој граѓанин на која било земја од Западен Балкан (освен Косово, за кое се уште постои анахронизам во визниот режим) пред да влезе во ЕУ ќе мора да пополни посебна апликација и на тој начин да побара дозвола за влезат во ЕУ. Тоа практично значи тивко воведување на нов квази-визен режим, во споредба со сегашното слободно движење за сите граѓани на Западен Балкан (освен за веќе споменатото Косово). Во оваа смисла, кандидатскиот статус нема да значи ништо и граѓаните на земјите од Западен Балкан ќе бидат во иста позиција како и сите останати кои дошле во ЕУ од кој било дел на светот.

Крај на ерата на „додворување“ на Западот

Аналитичарите сметаат дека ЕУ мора да донесе стратешки одлуки за проширувањето и временската рамка на проширувањето. Недефинираната позиција на земјите од Западен Балкан ги оддалечува од ЕУ и дополнително произведува одредени фрустрации. Светскиот поредок каков што го знаевме повеќе не постои. Француско-германската оска во ЕУ не постои како што ја знаеме. Моќта се движи од запад кон исток. Повеќе не постои монополарен, туку полицентричен свет со сложени и испреплетени интереси. Светот е во големи геополитички превирања и потреси. ЕУ не смее да се гледа себеси од позиција на евроцентризам, бидејќи ерата на „додворување“ на Западот е завршена. Секоја земја ја води својата политика во согласност со своите интереси и на маса има различни понуди и решенија за својата иднина. ЕУ е повеќе не е единствената понуда и решение на менито на земјите од Западен Балкан. ЕУ е на потег, стои во анализата на ИФИМЕС.

Слични содржини