Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски за иницијативата за вонреден конгрес на група на луѓе кои подолго време имаат одредена дистанца од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, вели дека не е статутарна.
-Сметаме дека оваа иницијатива не е статутарна, ниту е правна, ова е политичка иницијатива на група на луѓе кои имаат за цел да му помогнат на Заев да му фрлат гума за спасување и да го одвлечат вниманието, изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Иницијативниот одбор за вонреден конгрес објави дека собрале потписи од делегатите за конгрес на 28 март.
– Во моменти кога државата е хибриден режим, најкорумпирана држава во Европа, нула вакцини, 3 илјади жртви, 55 илјади нови невработени и многу затворени фирми оваа иницијативна група се обидува тоа да го релативизира и Заев кој што во моментот во самото Собрание е на стаклени нозе со своето мнозинство да може да ја дефокусира јавноста да се занимава со споредни теми во опозицијата. Затоа сакам да напоменам дека ваквата иницијатива правно гледано е не статутарна политички гледано е координирана со Заев на кого што му е очајно потребен дефокус од лошите политики чија што цена ја плаќаат граѓаните со овој економски и здравствен колапс, смета Милошоски.
Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на сѐ уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски.
Членовите на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес сметаат дека е недозволиво претседателот на кој што му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг.