Илина Арсова: На планина сум потполно среќна

од Ивана Рамаданова

За себе ќе каже дека е креативец и авантурист, за тие што ја познаваат ќе речат дека е скромна, упорна, борбена, позитивна и секогаш насмеана. Илина Арсова, првата Македонка и една од 60-те жени во светот која ги искачи највисоките седум врвови на сите седум континенти. Во интервјуто за Локално.мк Арсова вели дека сето она што следи како предизвик, ќе биде сигурно уште потешко, додавајќи дека тоа е неопходно за да се поместува националното ниво во спортот во нашата земја.

Локално: Какво е чувството откако се искачи на врвот Винсон?

Чувството е слично како и она после Еверест. Моментот на достигнување на една животна цел и моментот кога истата станува порив кон нови цели и достигнувања.  Кога го искачив Еверест сеуште не знаев дека после некоја година ќе ги искачам и останатите од предизвикот 7 врвови. Така и сега, знам дека она што следи ќе биде сигурно уште потешко, но тоа е неопходно за да се поместува националното ниво во спортот во нашата земја.

Локално: Колку време се подготвуваше за овој голем предизвик?

Последната година тренирав интензивно и особено правев вежби за да подобро се справам со студот и ниските температури. Пливав во Охридското езеро дури и во поладните месеци како што беа Март, Април и Ноември, но вежбав и јога техники на дишење „сударшан криа“ со мојата учителка Теодора Костовска (Арт оф Ливинг). Мајка ми ме подготви хомеопатски со посебни лекови за третирање на студот подготвени од неа и нејзините колешки. Останатото е психофизичката состојба за која сум во форма заради долгогодишниот континуитет на високогорско планинарење и алпинизам.

Локално: Што прво ти помина низ глава кога стапна горе?

Прво што помислив е вербата и поддршката од моите блиски и пријатели, колку ќе ги израдувам кога ќе им кажам. Сигурно не им било лесно да останат покрај мене сиве овие години :)

Второ, радоста што сум прва и единствена жена од кај нас и една меѓу 60 на светот на 7-те светски врвови, што е редок успех и секако одлична мотивација за понатаму.

Локално: Имаш ли посебни ритуали пред предизвиците?

Меѓу ритуалите би рекла е дека не сакам многу да објавувам пред заминувањето, додека со радост тоа го правам штом ќе се вратам. Имам и рутуал, всушност тоа е ликовен перформанс кој како уметник се бидувам да го спроведам на моите патувања, бидејќи врската помеѓу панините и уметноста кај мене е неразделна.

Локално: Од кого ја имаш најголемата поддршка?

Дефинитивно од моите најблиски и пошироката фамилија, но тука се секако и бројни пријатели кои ми ја топлат душата кога сум далеку и изолирана од било каква комуникација.

Локално: Доколку Илина треба да се опише со еден збор-два, дали тоа би биле зборовите адреналин и екстремност?

Хмм, повеќе би рекла креативност и авантура, но и вашиот предлог не е далеку од вистината.

Локално: Планинарење, скијање, параглајдинг, сликање… Што ти е најголемата љубов?

Тешко човек да се ограничи на едно, сепак треба да се има потполна контрола на секое едно поле. Затоа во моментот кога почувствував дека се расплинувам се насочив кон планинарење, качување карпи, скијање и секако уметност која е моја професија.

Локално: Како активистка, што највеќе те засега кога е во прашање Охрид и општо државата?

Законите да важат подеднакво за секого и да се спроведуваат во целост! Администрацијата да си ја врши својата работна должност без разлика дали е во сродство и ли не со странката. Државните сужбеници да заработуваат доволно за да бидат мотивирани и работата си ја вршат со насмевка. Дивоградбите под итно да се отстранат и тоа да биде пример за другите како не треба! Локалното население да се запознае со вистинските вредности на природно и културно наследство и истите да ги штити и почитува.

Локално: Има ли Илина стравови и што е за Илина среќа?

Среќа е веројатно дека го работам она што го сакам и со тоа се чувствувам истовремено слободна и исполнета. Потполно среќна сум на планина и тоа на висина над 3-4000 метри, а мислам дека за тоа допринесува опкружувањето и  пејзажот. Стравови секако дека постојат и истите не прават позрели и поискусни.

Локално: Да постои Дедо Мраз, што би посакала од него?

Од дедо Мраз би посакала да им подели поклончиња на дечињата и да им помогне на оние кои немаат. Јас немам посебни чувства кон материјалното. Желбите се поврзани со патувања, што е процес кој бара доста подготовки и истражување. Со години работам на тоа желбите да ги подредувам по приоритет и кон нив пристапувам со голема посветеност и акција.

Локално: Што е твојот следен предизвик?

За сега нека остане тајна.

Ивана Рамаданова

Слични содржини