Илјадници обожаватели ќе присуствуваат на комеморацијата за Коби Брајант

од Elena Daskalova

Денеска во Стејплс центарот во Лос Анџелес ќе се одржи комеморација во чест на Коби и Џана (Џиџи) Брајант, на која ќе се слави нивниот живот, но и ќе се тагува поради прераната смрт.

На каналот на ТМЗ-Спортс ќе се прикажува пренос во живо. Повеќе од 88.000 луѓе аплицирале за билети за комеморацијата во првите неколку часа откако биле пуштени во промет.

Улиците околу Стејплс ќе бидат затворени, бидејќи се очекува и пред објектот да се соберат голем број луѓе. Салата има капацитет од 20.000 лица, па голем број нема да бидат во можност да присуствуваат на самата церемонија.

Властите во Лос Анџелес апелираат до оние кои немаат билети да останат дома и да го следат преносот на телевизија или преку стрим-канал онлајн. Тие изрично нагласуваат дека нема да има пренос на екран пред Стејплс, но сепак, очекуваат дека пред салата ќе се соберат голем број луѓе.

Коби и Џана и уште седум лица трагично ги загубија животите во хеликоптерска несреќа на 26 јануари оваа година. На комеморацијата ќе присуствува и неговата сопруга, Ванеса.

Слични содржини