„Имаме 95% функционално неписмени луѓе“: Државата ќе работи на подобрување на квалитетот на образованието

од Берта Китинска

Инклузивниот пристап во креирањето на образовните политики, со учество на сите засегнати страни, дава најголема ефективност и токму поради тоа, раководството на МОН иницираше основање на Совет за унапредување на образованието и науката за што е донесена одлука на вчерашната владина седница, велат за „Локално“ од Министерството за образование во врска со формирањето на Совет за унапредување на образованието и науката.

Оттаму пососчуваат дека во ова тело ќе членуваат, дебатираат и заеднички ќе одлучуваат претседателот на Владата, повеќе министри и претставници на засегнати институции од областа на образованието и науката како Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, Педагошката служба, Центарот за стручно образование и обука, Државниот просветен инспекторат и други.

-Советот ќе работи во насока на подобрување на квалитетот на образованието и науката, оптимизација во образованието, зајакнување на системите на евалуација и оценување, реформирање на наставните програми со нивна поголема насоченост кон резултатите од учење, подобра ориентираноста на програмите за стручно образование и обука кон потребите на пазарот на трудот, како и програмите во високото образование да ги отсликуваат потребите на пазарот на трудот. Политиките ќе се креираат исклучиво врз база на информациите за моменталната функционалност на системот на национално ниво, како и на меѓународните истражувања за факторите што придонесуваат за ефективна настава и учење, пососчуваат од МОН.

Премиерот и министрите ќе работата во Советот

Со работата на Советот ќе претседава Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, а во состав ќе бидат министерот за образование и наука Јетон Шаќири, првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Артан Груби, Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими, координација на економските ресори и инвестиции и Педагошката служба како орган на државната управа во состав на Министерството за образование и наука.

Ревизија и проверки на факултетите и универзтитети

Образовниот систем ги произведува над 90% од функционално неписмените луѓе, оценува претседателот на државата Стево Пендаровски , осврнувајќи се една деценија наназад на сѐ што го уназадува македонското образование.

-Прво, мораше да се направи ревизија на сите факултети и универзитети коишто беа отворени во изминатите 10 години бидејќи сите знаеме дека за тоа не постоеше кадар, не постоеја услови и не постоеше потреба. Тоа не се направи. Се носеа професори од Скопје во комбиња да држат предавања низ западна и источна Македонија и ги враќаа назад, а знаеме и како на крајот се добиваа дипломи таму. И друга работа којашто според мене беше уште поважна – низ регуларните тела во образованието требаше да се стават на ревизија сите дипломи, а особено магистериуми и докторати кои беа добиени во тој период добиени и притоа секако немам никаков проблем тоа да се прошири и да оди и наназад, изјави претседателот на РС Македонија, Пендаровски во Топ тема.

Јавно изнесената вистина нека биде поттик за да се превземе нешто во образованието

-За жал сите показатели за сите нивоа на образованието вклучително и научно истражувачката работа, се загрижувачки . Но, од друга страна иако тоа често се потврдува никој од одговорните институции и други фактори не превземаат ништо.Од тука нека биде и ова јавно изнесената вистина и од највисоката иституција на државата, претседателот на С.Македонија , како еден поттик за да се превземе нешто за да го спречи овој тренд, затоа што за подобрување на состојбите ќе треба повеќе време, вели во разговор за „Локално“, поранешниот министер за образование Азис Положани во врска со изјавата на претседателот Стево Пендаровски кој вели дека 10 години не е ништо направено во образованието потенцирајќи дека не гледа ниту дека има план за да се подобри состојбата и поради тие причини имаме 95% функционално неписмени лица.

Според Положани потребни се мерки за да се подобри ситуацијата .

– За да тоа да биде успешна и некампањска ревизијата треба да се пристапи кон една сеопфатна Стратегија за развој и трансформација на образовниот систем, со краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки, подготвени од компетентни луѓе, екперти со меѓународно искуство, која ќе се дебатира и ќе се прифати и изгласа во Парламентот од сите политички субјекти, смета поранешниот министер додавајќи дека сите законски и подзаконски акти и општи политики поврзано со образованието и науката кои ќе бидат донесени да се спроведат согласно таа стратегија.
Тој потенцира дека овде би имало место за сите предлози кои ги спомнува и претседателот како ревизијата на факултетите, како и за предучилишното образование, основното , средното и сигурно за високото образование.

-Предпоставка за да се донесе , поддржи и спроведе една таква Стратегија е да сите чинители се согласуваат за две работи: прво, политиката односно партиите да тргнат раце од образованието и второ-како општа димезија да не се користи образовниот систем за „буфер“ или носител за социалните политики односно носител на социалниот мир. Но, тоа не значи дека државата треба уште повеќе да се оддалечи од одговорноста за состојбите во образование, напротив, владата, парламентот да го постават на повисок ранг во владините поолитики образованието и соодветно да тоа да биде поддржано од локалната власт и универзтитетите, кои морат да го сменат својот однос спрема образванието и спрема себе би рекол , согласно новите предизвици и очекувања на новите генерации. Сите ние до сега потфрливме, вели тој.

Б.М.

Слични содржини