ИМУНИЗАЦИЈА ВО РЕГИОНОТ: Србија лидер, Албанија започнува со вакцинација, кај нас вакцините пристигнуваат наредниот месец

од Берта Китинска

Состојбата со ковид во земјава полека се стабилизира надлежните оценуваат дека бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и наведуваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

Пристигнува донацијата на фрижидери

Пет фрижидери донација од американска фондација со капацитет да мрзнат до -80 степени за чување на вакцини против коронавирусот се очекува месецов да пристигнат во земјава.

Од Министерството за здравство велат дека ќе има и дополнителни вакви магацински капацитети преку донации.

Првите дози вакцини преку Ковакс-механизмот се очекува земјава да ги добие кон крајот на јануари или почетoкот на февруари. Потоа, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, преку директна спогодба со компанијата „Фајзер“ и донација од Делегацијата на ЕУ се очекуваат вакцини за вкупно 1,2 милиони граѓани.

Србија е првата земја во регионот што започна со вакцинација

Првите 4.875 дози -Фајзер пристигнаа на 22 декември, а два дена подоцна, прва симболично вакцинирана беше премиерката Ана Брнабиќ.

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија ќе има два милиони вакцини од различни производители до крајот на јануари, вклучувајќи ги и количините што пристигнаа на крајот на декември.

Дополнителни 1,3 до 1,5 милиони дози вакцини се очекуваат во февруари, вели таа.

„И така до мај, јуни и се надевам дека ќе можеме да ја завршиме вакцинацијата. Ако успееме, ќе бидеме една од првите земји што ќе ја завршиме во Европа “, рече Брнабиќ.

Таа повтори дека Србија во моментов има договор за осум милиони вакцини, од различни производители, што е доволно за вакцинирање на четири милиони луѓе, наведувајќи дека властите рано започнале преговори.

Хрватска нарача 5,6 милиони дози на вакцина на различни производители

Првите 9750 дози од вакцината Бајонтек-Фајзер пристигнаа во Хрватска на 26 декември, а вакцинацијата започна на 27 декември.

Вакцинацијата се спроведува според планот во три фази – прво, слично како и секаде, жители на домови за стари лица и, конечно, целокупно население на возраст под 65 години.

Хрватска нарачала 5,6 милиони дози вакцина на различни производители до крајот на 2021 година, што е доволно за околу 70 проценти од населението.

Албанија денеска  започнува со вакцинација

Албанија денеска  започнува со вакцинација против ковид-19, најави премиерот Еди Рама.

– Добри вести. Започнуваме со вакцинација против ковид-19 – рече Рама

Владата обезбеди 500.000 дози анти-ковидна вакцина произведени од „Фајзер“.

Рама на 1 јануари рече дека првите 10.750 дози на вакцината ќе пристигнат во Албанија во третата недела од јануари.

Други 30.250 дози ќе дојдат во февруари, рече Рама, врз основа на планот за вакцинација.

Босна и Херцеговина

Додека процесот на имунизација се одвива низ целиот свет, официјалните соопштенија допрва ќе пристигнуваат во Босна и Херцеговина засега позната е само приближната временска рамка, па дури и бројот не е познат. Се повеќе и погласно се зборува за политизирање на процесот и за задоцнетата реакција на државата. БиХ достигна рекорд, но вакцините заостануваат.

 

Слични содржини